Серијата трансплантации на срце и бубрези во 2020 година во време на пандемија ја актуелизираа темата за донација на органи во Северна Македонија. Спасените човечки животи и позитивните приказни ја ставија во преден план хуманата димензија. Семејствата на починатите и покрај загубата на близок член одлучуваат дел од неговите органи да се пресадат во телото на друг пациент. Ова во јавноста наиде на позитивни реакции.
Трансплантација во ек на пандемија
Процедурата за трансплантација на органи во Северна Македонија е регулирана со програмата за трансплантација усвоена на почетокот на 2021 година и со законот за земање на делови од човечко тело заради пресадување. Со програмата меѓу другото се утврдува и листа на пациенти кои чекаат пресадување на некој орган. Годишно околу 20 пациенти чекаат трансплантација на срце, а за бубрези близу сто.
Во законот пак е утврдено дека делови од телото на некое лице можат да се земат за трансплантација откако ќе биде констатирано дека настапила мозочна смрт.
„Смртта на лицето од кое можат да се земат делови од телото заради пресадување ја утврдува комисија составена од најмалку тројца лекари формирана од министерот за здравство“, ”, вели за ТРТ Балкан Маја Мојсова-Мијовска, национален координатор за трансплантација, објаснувајќи ги законските одредби.
Додава дека комисијата со сигурност го утврдува престанокот на работа на мозокот.
„Лекар кој учествувал во лекувањето на тоа лице пред да настапи мозочната смрт или во утврдувањето на смртта не може да зема и пресадува органи од починатото лице“, вели Мојсова-Мијовска.
За да се спроведе трансплантација потребна е писмена согласност од најблиските роднини на починатото лице. Или за време на неговиот живот лицето донор да има дадено изјава заверена на нотар.
„Најтешкиот дел е кога на семејството треба да му се каже дека утврдена е мозочна смрт и дека починатиот пациент има здрави органи кои би можеле да значат живот некому. Има и фаза на подготовка на семејството која е значајна во целиот процес. Последните успешни трансплантации на срце ни ја олеснуваат работата во смисла дека семејствата се запознаени за каква постапка се работи, истакнува Мојсова – Мијовска.
3,87 донори на милион жители во Северна Македонија
Според светската агенција за извршени трансплантации и органодарителство во 2021 во Северна Македонија се регистрирани осум починати донатори или по 3,87 на милион жители.
И 12 живи донори или 5,81 на милион жители. Извештаите на IRODAT (The International Registry in Organ Donation and Transplantation) регистар со податоци за 102 држави од 1966 до денес, велат дека македонските лекари минатат година извршиле 16 трансплантации на бубрег и седум трансплантации на срце.
Трансплантацијата од починат пациент се воведе во 2014, по законските измени во 2013. Дел од луѓето на кои им е потребна трансплантација чекаат и со децении.
Хрватска - секое починато лице потенцијален донор
Хрватската медицина во разни истражувања се прикажува како најнапредна во овој дел меѓу државите од Балканот и поранешна Југославија. Бројките за Хрватска покажуваат дека во 2020 биле регистрирани 124 донори или 29,5 на милион жители од кои 119 од починати донори. Од 119 трансплантации 104 се на црн дроб, 6 на панкреас и 9 на бели дробови.
Пет трансплантации од живи пациенти се направени на бубрези.
Во Хрватска како потенцијален дарител на органи се смета секое починато лице освен ако тоа претходно изрично не се противело на тоа негови органи да бидат пресадени. Законски не е предвидено да се бара став од семејството како услов за трансплантација, но сепак во пракса се применува.
БИХ – последната трансплантација пред една и пол година
Во федерацијата Босна и Херцеговина според информациите од Здружението на пациенти на дијализа и со пресадени органи последната трансплантација е направена на 21 јануари 2020 година. Трансплантациите во БиХ се одвиваат во три градови- Сараево, Тузла и Бања Лука. Последните податоци од IRODAT за оваа земја се од 2017.
Тогаш биле регистрирани двајца донори, а биле извршени 13 пресадувања на бубрези од живи и 4 од починати пациенти.
Еден од главните проблеми со кои се соочува оваа земја е тоа што не членува во Еуроплант, меѓународна организација за размена на органи. Дури пред две недели Парламентарното Собрание на Босна и херцеговина презеде активности за зачленување во Еуроплант. Процесот е долг. Започнува со испраќање писмо за намери.
Повеќе стотици пациенти чекаат на трансплантација, а дел зафатите ги прават во странство. Во БиХ орган од живо или починато лице може да се земе единствено доколку тоа лице претходно има потпишано изјава. Таа изјава се дава пред доктор од примарна заштита кој ја проследува до надлежните органи и се чува како професионална тајна.
Тројца донори во 2020 во Србија
Во Србија во 2021 се регистрирани само тројца донори. A извршени се пет трансплантации од кои последната во октомври 2021 година. Ист број донори беа регистрирани и во 2020 година за разлика од 2010 до 2019 кога бројот на донири одел и до 40.
На листата на чекање за бубрег во Србија се 725 граѓани. Пресадување црн дроб чекаат 61 лице, пресадување срце чекаат 34 лица.
Уставниот суд на Србија минатото лето укина два члена од Законот за пресадување човечки органи бидејќи се во спротивност со Уставот. Според овие членови сите полнолетни граѓани се потенцијални донори освен ако тие во текот на животот или нивното семејство по констатација на мозочна смрт не одлучиле поинаку.
Во Црна Гора две трансплантации од починат пациент
Трансплантацијата на органи е воведена во Црна Гора во 2012 година. Тогаш е направено првото пресадување на бубрег, а 165 граѓани потпишале донорска картичка. Се согласиле нивните органи да можат да бидат донирани. Четири години подоцна бројката на граѓани подготвени да донираат опргани се зголемила на 300. Во последната година и пол според црногорското министерство за здравство, донорска картичка зеле само четворица граѓани, а еден од нив во меѓувреме се откажал од донирање органи.
Во Црна Гора до сега се направени само две кадаверични трансплантации. Првата во 2013, а втората во 2018 кога од граѓанин сопственик на донорска картичка биле извадени, срце, црн дроб, бели дробови и бубрези. Карактеристично за оваа земја е што најблиските на донорот како и во Хрватска не се прашуваат за донирање на неговите органи по смртта, ако тој претходно се изјаснил дека ќе ги донира. Тоа лице може во секој момент и да се откаже од согласноста.
Бубрегот е најпресадуван орган во Словенија
Во Словенија бил дониран 41 орган. Од нив во 2021 година од починати пациенти се 39. Биле извршени 104 трансплантации. Од кои 51 на бубрег, 21 на црн дроб, 17 на срце и 15 на бели дробови.
Што е Eurotransplant и како функционира?
Eurotransplant e меѓународна мрежа за алокација на донори на органи од повеќе европски земји. Во нејзини рамки органите стануваат подостапни за граѓаните од земјите членки. Се скусува и времето за чекање за транасплантација. Во моментов од балканските држави членки на организацијата се само Хрватска и Словенија. Во 2018 година членка беше и Црна Гора. Членки на eurotransplant исто така се Германија, Белгија, Австрија, Холандија, Унгарија и Луксембург.