Лицата што редовно консумираат кафе може да се соочат со значително помал ризик да добијат карцином на главата и вратот, покажа новото истражување.
Истражувачите од Институтот за карцином „Хантсман“ во САД анализирале податоци од 9.548 пациенти со карцином и 15.783 здрави лица.
Во анализата, во која се комбинираат податоци од неколку истражувања, се покажа дека консумирањето четири или повеќе шолји кафе со кофеин дневно е поврзано со 17 отсто намалување на вкупниот ризик од карцином на главата и вратот, објавија истражувачите во „КАНЦЕР“, списание на Американското здружение за рак.
Кај оние што консумираат кафе се покажале 30 отсто помали шанси за карцином на усната празнина и 22 отсто помали шанси за карцином на грлото во споредба со оние што не пијат кафе.
Дури и консумирањето кафе без кофеин е поврзана со 23 отсто намалување на ризикот од карцином на усната празнина.
Консумирањето чај покажало измешани резултати.
Пиењето една шолја или помалку дневно е поврзано со 9 отсто помал вкупен ризик од карцином на главата и вратот, а консумирањето повеќе од една шолја е поврзано со 38 отсто поголеми шанси за ларингеален карцином, покажа истражувањето.
„Навиките за кафе и чај се прилично сложени“, рече авторката Јуан-Чин Ејми Ли од истражувачкиот центар.
„Овие наоди ја поддржуваат потребата за повеќе податоци и дополнителни истражувања околу влијанието што кафето и чајот можат да го имаат врз намалувањето на ризикот од карцином“, додаде таа.
Истражувањето добива значење бидејќи ризикот од карциномот на главата и вратот, кој е рангиран како седми најчест карцином на глобално ниво, продолжува да расте во земјите со низок и среден приход.