Австралија е прва земја во светот која започна превентивен ДНК скрининг за рак и срцеви заболувања .    Фото: АА

Австралија го започна првиот превентивен скрининг на ДНК во светот за откривање на рак и срцеви заболувања, објави австралискиот универзитет Монаш.

Проектот што го започна Факултетот за јавно здравје и превентивна медицина Монаш, за кој тврдат дека е прва студија за скрининг на ризик од ДНК, ќе вклучи најмалку 10.000 луѓе на возраст од 18 до 40 години.

„Младите Австралијци сега можат да пристапат до бесплатен ДНК тест на плунка за да дознаат дали се соочуваат со зголемен ризик од некои видови на рак и срцеви заболувања, кои може да се спречат или рано да се лекуваат доколку се откријат“, се вели во соопштението на Универзитетот.

Ова е прва превентивна студија во светот дизајнирана специјално за проценка на ризикот од рак и срцеви заболувања на населението преку национален здравствен систем.

„Тестот е бесплатен и вклучува ставање примерок од плунка во мала епрувета добиена по пошта и се враќа во плико со платена поштарина“, се вели во соопштението и се додава дека заинтересираните можат да се пријават на веб-страницата на универзитетот.

„Се надеваме дека ќе ги идентификуваме оние кои се изложени на ризик додека се млади и здрави, наместо потоа, и ќе ги охрабриме да донесуваат поинформирани одлуки за нивното здравје“, рече вонредниот професор Пол Лаказ.

Тој додаде дека раното откривање и спречување на рак и срцеви заболувања може да ги спаси животите на некои луѓе.

Тој посочи дека обезбедувањето генетско тестирање само врз основа на семејната историја не е доволно бидејќи до 90 отсто од оние со висок ризик во општата популација не се идентификуваат со тестирање врз основа на семејната историја.

„Повеќето луѓе не дознаваат за нивниот генетски ризик додека не е предоцна, како на пример откако ќе им биде дијагностициран неизлечив карцином или срцев удар. Сакаме да го промениме тоа“, изјави Лаказ.

Универзитетот информираше дека на оние кај кои при тестирањето ќе се утврди дека се изложени на висок ризик, ќе им биде понудено советување и превентивни мерки, како што се редовни скенирања и прегледи.

AA
Популарни