Во борбата против дебелината многу надежи се полагаат во новите лекови за слабеење, но има се повеќе докази дека изгубената тежина едноставно се враќа откако лицето ќе престане да ги зема овие лекови.
Кај пациенти кои за лекување на дебелината користеле лек тирзепатид (tirzepatid) од американската фармацевтска компанија Ели Лили анд Ко.(Eli Lilly and Co.), продаван под имињата Маунџаро (Mounjaro) и Зепбаунд (Zepbound), забележано е значително зголемување на телесната тежина кога 36 недели по земањето на лековите им било дадено плацебо, покажаа резултатите од студијата објавена во списанието ЏAMA (ЈАМА).
Но пациентите од друга група субјекти, кои продолжиле да ги земаат лековите на Ели Лили, продолжиле да губат тежина. Авторите на студијата велат дека резултатите не ги изненадуваат.
Тирзепатид е одобрен за третман на дебелина во САД, но во другите делови на светот, вклучувајќи ги и земјите-членки на ЕУ, може да се користи само за лекување на дијабетес тип 2.
Овој тип на лек се смета за уште поефикасен од семаглутидот, кој се продава под името Вегови (Wegovy) од компанијата Ново Нордиск, а почесто се користи во борбата против дебелината во земјите каде што тирзепатидот сѐ уште не е одобрен.
Испитаниците изгубиле 10% од нивната тежина
Како и во случајот со семаглутид, учесниците во студијата за тирзепатид мораа да се придржуваат до планот на исхрана и да вклучат физичка активност според нивната способност и возраст.
Во истражувањето учествувале 670 пациенти од повеќе земји во светот.
Сите тие биле со прекумерна тежина или се бореле со вишокот на телесна тежина на почетокот на студијата.
Научниците објавија дека по 36 недели терапија, испитаниците изгубиле во просек околу 21 отсто тежина. На некои од нив и после тоа им била препишана активната состојка на лекот, а до 88-та недела од студијата изгубиле дополнителни 5,5 отсто од тежината.
Истражувачите на втората група учесници во студијата им дадоа само плацебо по првата фаза.
Се испостави дека оваа група повторно се здебелила до крајот на студијата, но треба да се напомене дека во текот на целиот период на истражување, сè уште е забележано губење на тежината од околу 10 проценти меѓу испитаниците.
Терапијата треба да се продолжи
Авторите истакнуваат дека резултатите од нивната студија укажуваат дека терапијата треба да се продолжи доколку се сака да се избегне враќање на старата тежина.
Најмалку пет студии од различни класи на лекови, вклучувајќи ја и оваа, покажаа дека постои повеќе од јасен „јо-јо“ ефект по прекинот на терапијата. Лекот користен во една од споменатите студии исто така беше семаглутид.
Авторите заклучуваат дека ќе бидат потребни дополнителни студии за подобро да се разберат потенцијалните долгорочни придобивки, но и ризиците од ваквите краткорочни терапии.