Идејата дека поседувањето мачки може да биде поврзано со ризикот од шизофренија е од 1995 година поради изложеност на паразит наречен токсоплазма гонди / Photo: AA

Една нова рецензирана студија сугерира дека поседувањето мачка како домашно милениче потенцијално може да го удвои ризикот кај една личност од нарушувања поврзани со шизофренија, известува Сајенс Алерт.

Австралиските истражувачи спроведоа анализа на 17 студии од 11 земји објавени во последните 44 години, вклучувајќи ги САД и Велика Британија.

„Најдовме поврзаност помеѓу сопственоста на мачки и зголемените шанси за развој на нарушувања поврзани со шизофренија“, пишуваат психијатарот Џон Мекграт и колегите истражувачи од Центарот за истражување на менталното здравје во Квинсленд.

Оваа идеја дека поседувањето мачки може да биде поврзано со ризикот од шизофренија беше предложена во студија од 1995 година, со изложеност на паразит наречен токсоплазма гонди (тoxoplasma gondi) како причина. Но претходните истражувања дошле до различни заклучоци.

Истражувањата покажаа дека престојот во близина на мачки во текот на детството може да предизвика поголема веројатност лицето да развие шизофренија, сепак, не сите студии нашле поврзаност.

Некои, исто така, ја поврзуваат изложеноста на мачки со повисоките оценки на скалата за мерење на особини поврзани со шизофренијата кои влијаат на мислите, чувствата и однесувањето на една личност и психотичните искуства, но повторно, други студии не покажуваат таква поврзаност.

За да се добие појасна слика, Мекграт и неговиот тим велат дека има потреба од темелен преглед и анализа на сите истражувања на овие теми.

Токсоплазма гонди е главно безопасен паразит кој може да се пренесе преку недоволно варено месо или контаминирана вода.

Каснување од заразена мачка или измет од заразена мачка исто така може да го пренесе паразитот. Се проценува дека околу 40 милиони луѓе во САД може да бидат заразени, обично без никакви симптоми. Во меѓувреме, истражувачите откриваат сѐ повеќе и повеќе чудни ефекти кои можат да ги имаат инфекциите.

Откако ќе се најде во нашите тела, токсоплазма гонди може да се инфилтрира во централниот нервен систем и да влијае на невротрансмитерите. Паразитот е поврзан со промени во личноста, психотични симптоми и некои невролошки нарушувања, вклучително и шизофренија.

Сепак, врската не докажува дека паразитот ги предизвикува овие промени или дека паразитот преминал од мачки на луѓето.

Новата анализа на 17 студии покажа „значајна позитивна поврзаност помеѓу сопственоста на мачки и зголемен ризик од нарушувања поврзани со шизофренија“.

„Откривме дека индивидуите изложени на мачки имаат приближно двојно поголема веројатност да развијат шизофренија“, напиша тимот.

Има некои важни работи што треба да се имаат на ум овде, како што е фактот дека 15 од 17 студии биле студии за контрола на случај. Овој тип на истражување не може да ја докаже причината и последицата, и честопати не ги зема предвид факторите кои можеби влијаеле и на изложеноста и на исходот.

Голем број проучувани студии биле со слаб квалитет, како што истакнуваат авторите.

Наодите биле неконзистентни низ студиите, но оние со повисок квалитет сугерираат дека асоцијациите во неприлагодените модели може да се должат на фактори кои можеби влијаеле на резултатите.

Едно истражување не открило значајна поврзаност помеѓу поседувањето мачка пред 13-годишна возраст и подоцнежниот развој на шизофренија, но открила значајна поврзаност кога сопственоста на мачката била сведена на одреден период - од девет на 12 години. Оваа недоследност покажува дека клучната временска рамка за изложување на мачки не е јасно дефинирана.

Американско истражување во кое учествувале 354 студенти по психологија не открила врска помеѓу сопственоста на мачки и резултатите од шизотипијата. Сепак, оние кои биле каснати од мачка имале повисоки резултати во споредба со оние кои не биле.

Друго истражување, кое опфатило луѓе со и без ментални нарушувања, открило врска помеѓу каснувањето од мачки и повисоките резултати на тестовите кои мереле одредени психолошки искуства. Но, тие сугерираат дека наместо тоа може да бидат одговорни други патогени, како што е Пастерела мултоцида (Pasteurella multocida).

Истражувачите се согласуваат дека е потребно подобро и пошироко истражување пред да можеме да направиме цврсти толкувања.

„Како заклучок, нашиот преглед дава поддршка за поврзаноста помеѓу сопственоста на мачки и нарушувањата поврзани со шизофренија“, пишуваат авторите.

Тие додаваат дека има потреба од повеќе висококвалитетни студии, базирани на големи, репрезентативни примероци, за подобро да се разбере сопственоста на мачки како фактор што може да го зголеми ризикот од ментални нарушувања“.

Студијата е објавена во списанието Шизофренија Булетин (Schizophrenia Bulletin).

TRT Balkan / агенции
Популарни