Тим научници од Универзитетот во Амстердам ги претставија раните наоди за успешно отстранување на вирусот ХИВ/СИДА од инфицираните клетки со помош на техниката на генетски инженеринг ЦРИСПР.
Со оваа техника на молекуларно ниво се „отсекуваат“ или деактивираат лошите и непожелни делови од ДНК, а научниците се стремат еден ден целосно да го исчистат телото од ХИВ, иако напоменуваат дека ова откритие е само „доказ за концепт“ и дека нема да стане лек за ХИВ долго време, пренесува Би-би-си Њуз.
Постоечките лекови против ХИВ можат да го запрат вирусот, но не и да го елиминираат од крвта.
Други научници исто така се обидуваат да го користат ЦРИСПР против ХИВ. Excision BioTherapeutics тврди дека 48-неделното испитување на тројца доброволци со ХИВ/СИДА не покажува потешки несакани ефекти.
„Ќе биде потребна многу повеќе работа за да се покажат резултатите од овие тестови на целото тело, за идните терапии“, рече Џејмс Диксон, вонреден професор по технологија на матични клетки и генска терапија на Универзитетот во Нотингем.
ХИВ/СИДА ги инфицира и напаѓа клетките на имунолошкиот систем, користејќи сопствена машинерија за да направи копии од себе. Дури и со ефективен третман, некои клетки влегуваат во мирна или латентна состојба, но сепак содржат ХИВ ДНК или генетски материјал без активно да произведуваат нов вирус.
На повеќето луѓе заразени со ХИВ им е потребна доживотна антиретровирусна терапија, а доколку престанат да ги земаат лековите, заспаниот вирус може повторно да се разбуди и да предизвика проблеми.
Креаторите на технологијата ЦРИСПР ја добија Нобеловата награда за хемија во 2020 година, а Нобеловата фондација рече дека таа „има револуционерно влијание врз науката за животот, придонесува за нови терапии за рак и може да го оствари сонот за лекување на наследни болести“.