Нов тест на крвта за 1 час може да ја утврди причината за треска кај децата / Photo: AA Archive

Нов тест на крвта кој може да помогне за помалку од еден час да се дијагностицира причината за високата температура кај децата, научниците го опишаа како големо откритие. Повеќето постоечки дијагностички тестови се фокусираат на откривање на патогенот и резултатите може да потраат 72 или повеќе часа.

Глобален тим предводен од истражувачи од Империјал колеџ во Лондон истражува како гените во крвта реагираат на одредени инфекции и болести со цел побрзо да се дијагностицираат болестите и да се намали прекумерната употреба на антибиотици.

Истражувачите анализирале податоци од 1.212 пациенти со 18 болести, вклучувајќи респираторен синцицијален вирус (РСВ) и туберкулоза.

Од анализата тие беа во можност да откријат кои клучни гени биле вклучени или исклучени како одговор на организмот на болестите и да го идентификуваат молекуларниот потпис на болеста. Потоа било применето машинското учење- гранка на вештачката интелигенција која се занимава со дизајнирање алгоритми кои ја подобруваат сопствената ефикасност врз основа на емпириски податоци, за да се идентификуваат обрасците поврзани со специфични состојби, фокусирајќи се на 161 ген.

Формулата била тестирана на 411 деца кои биле примени во болница со сепса или тешки инфекции предизвикани од 13 од 18-те болести.

Истражувачите рекоа дека резултатите, објавени во медицинското списание Cell Press Med, даваат „доказ дека иновативниот метод функционира“ и дека тестот заснован на извлекување на генот „може драстично да ја подобри дијагнозата на детските болести, да ги намали одложувањата и погрешните дијагнози и значително да влијае здравствената заштита, особено во земјите во развој“.

Тие се надеваат дека новиот тест би можел да го реши проблемот со прекумерната употреба на антибиотици кај децата, кои обично се препишуваат додека не се исклучи анти-бактериска инфекција.

Професорот Мајкл Левин од Империјал Колеџ во Лондон вели:

„И покрај големиот напредок во медицинската технологија, кога детето е донесено во болница со треска, нашиот првичен пристап е лекување врз основа на впечатокот на лекарот за можните причини за болеста на детето.

„Како клинички лекари мораме да донесуваме брзи одлуки за лекување, често базирани само на симптомите, информациите од родителите и нашата медицинска обука и искуство, но можеби нема да знаеме со часови или денови по треската дали е бактериска, вирусна или е нешто друго, додека не дојдат резултатите од тестот“.

„Ваквите одложувања може да доведат до тоа пациентите да не добиваат навремен третман, така што постои јасна и итна потреба за подобрена дијагностика. Користењето на овој нов пристап, откако ќе се дизајнираат соодветните уреди, може да биде голем напредок во здравствената заштита.

TRT Balkan / агенции
Популарни