Пандемијата и конфликтите предизвик за менталното здравје

Војните, немирите, пандемијата од Ковид-19 и економската несигурност се главните предизвици со кои се соочува човекот во пресрет на Светскиот ден на менталното здравје кој денес глобално се одбележува.

Според Светската здравствена организација (СЗО), иако пандемијата продолжува да го зема данокот кога станува збор за менталното здравје, сепак уште пред пандемијата во 2019 година се проценуваше дека еден од осум луѓе на глобално ниво живее со ментално растројство. Тоа значи дека над 970 милиони луѓе во светот живеат со ментално растројство од кои најчести се анксиозноста и депресијата.

Во 2020 година, бројот на луѓе кои живеат со анксиозност и депресивни растројства значително се зголеми поради пандемијата. Првичните проценки покажуваат зголемување за 26% и 28% соодветно за анксиозноста и големите депресивни нарушувања за само една година

Во исто време услугите, вештините и финансиите достапни за заштита на менталното здравје се далеку под потребното ниво, особено во земјите со низок и среден приход.

Од СЗО велат дека пандемијата создаде глобална криза за менталното здравје, поттикнувајќи краткорочни и долгорочни стресови и поткопувајќи го менталното здравје на милиони луѓе.

„Проценките покажуваат дека порастот на анксиозноста и на депресивните растројства е повеќе од 25% во текот на првата година од пандемијата. Во исто време, услугите за ментално здравје се сериозно нарушени и јазот во третманите за состојбите со ментално здравје се зголеми“, велат од СЗО.

Растечките социјални и економски нееднаквости, долготрајните конфликти, насилството и вонредните состојби во јавното здравје влијаат на целото население, заканувајќи го напредокот кон подобрување на благосостојбата.

Дополнителен предизвик е фактот што неверојатни 84 милиони луѓе ширум светот беа принудно раселени во текот на 2021 година.

„Мора да ја продлабочиме вредноста и посветеноста што ги даваме на менталното здравје како поединци, заедници и влади и да ја усогласиме таа вредност со поголема посветеност, ангажираност и инвестиции од сите засегнати страни, во сите сектори. Мора да ја зајакнеме грижата за менталното здравје, така што целосниот спектар на потреби за ментално здравје ќе биде задоволен преку мрежа на пристапни, достапни и квалитетни услуги и поддршка заснована на заедницата“, дополнуваат од СЗО.

Стигмата и дискриминацијата продолжуваат да бидат бариера за социјалната вклученост и пристапот до вистинската грижа.

Најавено е дека СЗО ќе работи со партнерите за да започне кампања околу темата „Менталното здравје и благосостојбата за сите да се направи глобален приоритет“.

TRT Balkan / агенции
Популарни