Во Русија се прават вакцини кои ќе помогнат во борбата против алергиите предизвикани од различни агенси - полен и влакна од мачки, изјави Александар Караулов, раководител на одделот за Клиничка имунологија и алергологија на Институтот за клиничка медицина на Универзитетот Сеченов.
„Активно се работи во лабораторијата на Универзитетот Сеченов во повеќе насоки. Една од нив е создавање на чип за алергија за одредување на профилот на чувствителност на одредени молекули на алерген во различни региони на земјата. Добиените резултати во иднина можат да станат основа за создавање на линија на нови молекуларни форми на вакцини за алерген-специфична имунотерапија, во зависност од потребите на регионот“, рече академик Караулов.
Првите вакви вакцини се веќе направени, тие поминале претклинички студии и се подготвени за клинички испитувања: тие се молекуларни вакцини за третман на алергија на влакна од мачки, направена во соработка помеѓу Универзитетот Сеченов и Медицинскиот универзитет во Виена и вакцина против поленот од бреза, истакна научникот.
„Уникатноста на новите форми на вакцини против алергени не е само во формирањето на силен заштитен имунолошки одговор и долготрајна толеранција, туку и во нивната висока безбедност. Оваа вакцина има низок ризик од несакани алергиски реакции, што во иднина, се надеваме, ќе ни овозможи да ги користиме не само за лекување, туку и за превенција од алергии“, нагласи Александар Караулов.
Друга предност на ваквите вакцини е способноста да предизвикаат заштитен имунолошки одговор против вкрстено-реактивни алергени.
„На пример, пациентите со алергија на полен од бреза може да имаат симптоми на вкрстена алергија кога јадат различно овошје или зеленчук, а пациентите со алергија на влакна од мачка, исто така, може да доживеат симптоми кога се изложени на други животни - молекуларните вакцини против алергија може да бидат исклучително корисни во такви ситуации“, заклучува експертот.