Топлотниот бран што ја зафати северната хемисфера се очекува да се засили оваа недела, што ќе предизвика пораст на ноќните температури и ќе доведе до зголемен ризик од срцев удар и смрт, соопшти во вторникот Светската метеоролошка организација (СМО).
„Температурите во Северна Америка, Азија и низ Северна Африка и Медитеранот ќе бидат над 40 степени Целзиусови неколку дена оваа недела, бидејќи топлотниот бран ќе се засилува“, се вели во соопштението на СМО.
Најниските ноќни температури ќе достигнат нови максимуми што ќе создаде ризик од пораст на бројот на срцеви удари и смртни случаи.
„Иако најголем дел од вниманието е насочено кон максималните дневни температури, ноќните температури носат најголеми здравствени ризици, особено за ранливите групи“, предупредува СМО.
Зборувајќи пред новинарите во Женева, научник специјализиран за проучување на топлотните бранови рече дека високите температури што моментално ја погодуваат Европа сигурно ќе продолжат да растат.
„Медитеранскиот топлотен бран е голем, но не е ништо како оној во Северна Африка. Во оваа фаза се развива во Европа“, рече Џон Наирн, виш советник на СМО за екстремни горештини.
Врвот на топлотниот бран во Европа се очекува на италијанските острови Сицилија и Сардинија.
Според Европската вселенска агенција (ESA), температурите на овие острови би можеле да достигнат 48 степени Целзиусови.
Европскиот рекорд го држи Сицилија, каде во 2021 година се измерени 48,8 степени Целзиусови.