Светската здравствена организација (СЗО) итно ги повика земјите да спречат, да откријат и да реагираат на случаи на супстандардни и фалсификувани медицински производи, повикувајќи се на неодамнешните извештаи за случаи на детски сирупи за кашлица со потврдена или сомнителна контаминација.
СЗО соопшти дека во текот на изминатите четири месеци, земјите пријавиле неколку инциденти поврзани со сируп за кашлица кој се издавал без рецепт, а кој кај деца имал потврдена или сомнителна контаминација со високи нивоа на диетилен гликол (DEG) и етилен гликол (EG).
„Случаите се од најмалку седум земји, а поврзани се со повеќе од 300 смртни случаи во три држави“, наведуваат од СЗО.
Истакнаа дека во повеќето смртни станува збор за деца помлади од пет години.
Тоа се токсични хемикалии кои се користат како индустриски растворувачи и средства против замрзнување, кои можат да бидат фатални, дури и во мали количини, и никогаш не треба да се користат во медицината.
Меѓу земјите кои ги спомнува СЗО се Гамбија, Индонезија и Узбекистан. Во Гамбија во прашање се четири производи, во Индонезија осум, а во Узбекистан два.
СЗО посочи дека до денес производителите на овие производи не и дале гаранции на СЗО за безбедност и квалитет, истакнувајќи дека предупредувањата за медицинските производи биле брзо проследени до националните здравствени власти во сите 194 земји-членки на организацијата.
СЗО ги повика регулаторите и владите да ги откријат и отстранат од своите пазари сите супстандардни медицински производи идентификувани во медицинските предупредувања на СЗО како потенцијални причини за смрт и болести.
Светското здравствено тело ги повика одговорните да се погрижат сите медицински производи на нивните пазари да бидат одобрени за продажба од релевантните органи и да можат да се добијат од овластени/лиценцирани добавувачи.
Производителите на лекови беа повикани од СЗО да купуваат фармацевтски ексципиенси (супстанци) само од квалификувани и чесни добавувачи и да вршат сеопфатно тестирање на залихите пред употреба во производството на готови производи.