Загадувањето на воздухот ја зголемува отпорноста на антибиотици, што претставува значајна закана за здравјето на луѓето ширум светот, покажува најновата глобална студија. / Photo: AA Archive

Загадувањето на воздухот ја зголемува отпорноста на антибиотици, што претставува значајна закана за здравјето на луѓето ширум светот, покажува најновата глобална студија.

Користејќи податоци од над 100 земји од две децении, научниците открија дека зголеменото загадување на воздухот е поврзано со растечката отпорност на антибиотици во сите земји и континенти, пишува Гардијан.

Истражувањето покажало и дека врската меѓу овие два феномени се зајакнала со текот на времето.

„Нашата анализа дава силни докази дека зголеменото ниво на загаденост на воздухот е поврзано со зголемен ризик од отпорност на антибиотици. Оваа анализа е прва што покажува како загадувањето на воздухот влијае на отпорноста на антибиотици на глобално ниво, напишаа истражувачите од Кина и Обединетото Кралство.

Нивните наоди беа објавени во списанието Lancet Planetary Health.

Отпорноста на антибиотици убива 1,3 милиони луѓе годишно

Отпорноста на антибиотици е една од најбрзо растечките закани за глобалното здравје бидејќи може да влијае на луѓето од која било возраст во која било земја и веќе убива околу 1,3 милиони луѓе годишно.

Главните причини за ова зголемување на отпорноста се злоупотребата и прекумерната употреба на антибиотици, меѓутоа, студијата сугерира дека проблемот се влошува со зголеменото ниво на загаденост на воздухот.

„Отпорноста на антибиотици и загадувањето на воздухот се едни од најголемите закани за глобалното здравје. Досега немавме јасна слика за можните врски меѓу двете, но овој труд сугерира дека придобивките од контролата на загадувањето на воздухот би можеле да бидат двојни: не само што ќе ги намали штетните ефекти од лошиот квалитет на воздухот, туку исто така може да игра важна улога во борбата против порастот и ширењето на бактериите отпорни на антибиотици, вели водечкиот автор на студијата, професорот Хонг Чен од Универзитетот Жеџијанг во Кина.

Иако воздухот е препознаен како директен пат за ширење на отпорност на антибиотици, постојат ограничени податоци за различните патишта преку кои гените за отпорност на антибиотици се пренесуваат преку загадувањето на воздухот.

Потенцијалните патишта вклучуваат болници, фарми и постројки за третман на отпадни води кои испуштаат и шират честички отпорни на антибиотици низ воздухот, а потоа на долги растојанија.

Досега имаше ограничени податоци за тоа колкаво влијание има загадувањето на воздухот со честички ПМ 2.5, кои се состојат од честички 30 пати помали од ширината на човечко влакно, врз глобалната отпорност на антибиотици.

Изворите на ПМ 2.5 вклучуваат патен сообраќај, индустриски процеси и согорување на јаглен и дрво во домаќинствата. Податоците покажуваат дека 7,3 милијарди луѓе ширум светот се директно изложени на небезбедни просечни годишни нивоа на ПМ 2.5 честички.

До 2050 година отпорноста на антибиотици би можело да се зголеми за 17 проценти

Авторите составија обемна база на податоци за да истражат дали ПМ 2.5 е клучен фактор што ја поттикнува глобалната отпорност на антибиотици, користејќи податоци за 116 земји од 2000 до 2018 година. Севкупно, тие имаа податоци за повеќе од 11,5 милиони тест примероци кои вклучуваа девет видови бактерии и 43 видови антибиотици.

Наодите покажуваат дека отпорноста на антибиотици се зголемува со ПМ 2.5 при што 10 отсто зголемување на загаденоста на воздухот значи дека отпорноста на антибиотици се зголемува за 1,1 отсто.

Врската помеѓу загадувањето на воздухот и отпорноста на антибиотици расте со текот на времето, при што промените во нивоата на ПМ 2.5 доведоа до поголемо зголемување на отпорноста на антибиотици во последниве години. Анализата покажува дека отпорноста на антибиотици како резултат на загадениот воздух е поврзана со 480.000 предвремени смртни случаи во 2018 година.

Според проценките, доколку нема промени во сегашните политики за загадување на воздухот, до 2050 година нивото на отпорност на антибиотици во светот би можело да се зголеми за 17 проценти. Годишниот број на предвремени смртни случаи поврзани со отпорност на антибиотици може да се зголеми на околу 840.000 случаи.

ПМ 2.5 честичките може да содржат бактерии отпорни на антибиотици и гени за отпорност

Студијата не се осврна на тоа како двата феномени се поврзани, но доказите сугерираат дека честичките ПМ2.5 може да содржат бактерии отпорни на антибиотици и гени за отпорност, кои можат да се пренесат или директно да се вдишат.

Загадувањето на воздухот веќе е единствениот најголем еколошки ризик за јавното здравје, а долготрајната изложеност на загаден воздух е поврзана со хронични состојби како што се срцеви заболувања, астма и рак на белите дробови, додека краткотрајната изложеност на високо ниво на загадување може да предизвика кашлање и напади на астма и доведуваат до зголемени посети на болници и општи лекари ширум светот.

Намалувањето на загадувањето на воздухот може да помогне во намалувањето на отпорноста на антибиотици, се вели во студијата, додавајќи дека контролирањето на загадувањето на воздухот може во голема мера да ги намали смртноста и економските трошоци кои произлегуваат од инфекциите отпорни на антибиотици.

Се нагласува дека студијата била опсерваторска, така што не можела да ја докаже причината и последицата, и дека идните истражувања треба да се фокусираат на истражување на основниот механизам за тоа како загадувањето на воздухот влијае на отпорноста на антибиотици.

TRT Balkan / агенции
Популарни