Бројот на смртни случаи како резултат на изложеност на штетни честички е најголем во Италија, Полска и Германија / Photo: ТРТ Балкан

Загадувањето на воздухот со ситни честички убило речиси 240.000 луѓе во Европската унија во 2022 година, што е пад од пет проценти во споредба со претходната година, се вели во извештајот на Европската агенција за животна средина објавен во вторникот.

Агенцијата процени дека има „најмалку 239.000“ смртни случаи кои се припишуваат на изложеност над препорачаните нивоа на ПМ2,5, најмалите честички за вдишување најопасни по здравјето на луѓето.

Бројот на смртни случаи како резултат на изложеност на штетни честички е најголем во Италија, Полска и Германија.

Низ континентот, бројот е намален во споредба со 2021 година, кога честичките, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови, предизвикаа 253.000 предвремени смртни случаи.

Агенцијата објави дека севкупно проценетото влијание врз здравјето на луѓето се подобрува кога е во прашање долгорочната изложеност на три клучни загадувачи на воздухот - фини честички, азот диоксид и озон.

Помеѓу 2005 и 2022 година, бројот на смртни случаи што се припишуваат на ПМ2,5 падна за 45 проценти, така што Агенцијата се надева дека ќе ја постигне својата наведена цел за намалување на таквите смртни случаи за 55 проценти до 2030 година.

Во извештајот се наведува дека имало 70.000 смртни случаи кои се припишуваат на изложеност на загадување со озон (О3), особено од патниот сообраќај и индустриска активност, и 48.000 предвремени смртни случаи како резултат на вдишување на азот диоксид (НО2), главно од возила и термоцентрали.

Агенцијата не ги собира бројките, имајќи предвид дека во тој случај некои смртни случаи би се избројале двапати, но посочува дека загадувањето на воздухот и натаму останува најголема еколошка закана за здравјето на Европејците.

TRT Balkan / агенции
Популарни