Банско го загуби првото место за семејства поради зголемување на цените на школите за скијање, кои се речиси двојно поевтини на Јахорина во БиХ / Photo: Reuters

Италијанската Бардонекија е рангирана пред бугарските скијачки центри Боровец и Банско како најповолна дестинација за љубителите на зимските спортови во годишната анализа на скијачките центри во која се оценува односот квалитет и пари.

Анализата е направена од Post Office Travel Money и туристичката агенција Crystal Ski Holidays.

Со анализата беа опфатени 36 европски скијачки центри и беа собрани податоци за цените на ски билетите, изнајмувањето на опрема, училиштата за бординг и скијање, како и храната и пијалоците на скијачките патеки.

Цените најмногу паднале во Франција и Швајцарија

Бардонекија е прогласен за скијачки центар со најдобра вредност во Европа, соборувајќи го бугарскиот Боровец од првото место за прв пат од 2019 година.

Цените во италијанскиот ски-центар за возрасен пораснаа само 1,4 отсто на годишно ниво на 532 фунти.

Цените во Боровец се зголемија за 8,2 отсто на 554 фунти, па сега е на втората позиција, додека друго бугарско одморалиште, Банско, е на шестата позиција откако забележа пораст на цените за 18,1 отсто до 642 фунти, кој беше оценет со најдобра вредност во 2018 година.

Француско одморалиште за прв пат се појави во првите три на рангирањето со најдобра вредност. Ле Корбие, во регионот Оверњ-Рона-Алпи, наплаќа 611 фунти за еднонеделна карта за скијање за возрасни, опрема, школи, храна и пијалоци.

Цените паднаа во девет од 31 испитувано одморалиште минатата година, а се зголемија во 22, но, сепак, само две од забележаните зголемувања се повеќе од 10 проценти.

Најголем пад на цените има во францускиот ски-центар Лес Аркс и швајцарскиот Венген за 5,5 отсто.

Најскап е швајцарскиот Цермат, каде цените се двојно повисоки од Бардонекија.

Поевтини од Банско се и Јахорина во Босна и Херцеговина, Пасо Тонале во Италија и Геило во Норвешка.

Јахорина во Босна и Херцеговина за прв пат е на листата и нуди најдобра вредност за четиричлено семејство со цена од 1.657 фунти. Пасо Тонале со 1.678 фунти и Бардонекија со 1.752 фунти, и двете во Италија, го освоија второто и третото место.

Банско го загуби првото место за семејства поради наглото зголемување на цените на школите за скијање. Школото за скијање за двајца возрасни и две деца на возраст од шест и осум години сега чини 815 фунти, во споредба со 465 фунти во Јахорина.

TRT Balkan / агенции
Популарни