Секоја година 9 февруари се слави како Светски ден на пицата.
Нема место во светот каде пицата не е позната. Општото мислење е дека пицата потекнува од Италија, но тоа не е точно.
Измислена е во античка Грција веднаш штом Грците ја усовршиле „тајната“ на мешањето брашно со вода. Најпрво тоа било рамен леб што се печел под врел камен, а античките „пица мајстори“ го премачкувале со масло измешано со зачини.
Изгледот што го знаеме денес веројатно го добил дури некаде на крајот на 16 или почетокот на 17 век, кога доматот пристигнал во Европа од Америка. Тоа е една од главните состојки без која денес тешко можеме да ја замислиме пицата.
Во 18-тиот век, овој „сос од домати“ се пробил во Неапол, Италија и пицата почнала да се пече и продава по плоштадите.
Во далечната 1830 година, во Неапол постоела првата пицерија што работела во затворени простории. Пред тоа, пицериите постоеле само како продажни шалтери на отворено. Дури и денес, кога пицата се рашири низ целиот свет, Неапол останува град во кој пицата е повеќе од само јадење.
Инаку пица потекнува од зборовите „picea“ и „piza“, кои во областа на Сицилија и Калабрија на локалниот латински јазик значеле колачи.
Секој 9 февруари, по повод Светскиот ден на пицата, се одржуваат натпревари и настани во различни делови на светот.