Може ли македонскиот железнички сообраќај да се врати на шините на развојот и просперитетот и да се стави во функција на граѓаните и бизнисот?
Патувањето со воз некогаш претставувало голема потреба со оглед на помалата застапеност на другите превозни средства, но и задоволство, поради комоцијата која ја нуди железничкиот превоз. Денес оваа слика е сменета. Во ерата на масовната употреба на автомобилите, редовните автобуски линии, кои се значително побрзи и поредовни од возовите, железничкиот транспорт остана како последна алтернатива за која се одлучуват граѓаните.
Екипата на ТРТ Балкан патуваше со воз од Скопје до Велес, при што разговараше со патниците за нивните искуства со железничкиот транспорт, како и за нивното размислување во однос на унапредувањето на услугите на МЖ.
„Често патувам, два пати месечно најмалку, така да ги знам услугите поприлично. Единствено задоволство е што постои уште возот. Овој воз со кој сега патување веќе доцни повеќе од саат време“, вели во разговор за ТРТ Балкан пензионерот Мицко Мијалески кој патува за Прилеп.
„Железничкиот превоз го користам 5-6 пати месечно до 10 пати. Задоволен сум делумно“, вели пензионерот Драган кој се прашува зошто возовите и натаму доцнат, дали е тоа затоа што, како што вели, нема доволно возови во возниот парк на железницата, или пак, проблемот е нешто сосема друго.
Во возот со кој се возевме патуваа во најголем дел пензионери, работници кои се враќаат од Скопје за Велес после работа, како и студенти.
„Јас сум задоволна бидејќи ми е блиску, редовни, овие возови што се постојано се добри“, вели за ТРТ Балкан една патничка која се претстави само како пензионерка која редовно патува со воз.
По нешто повеќе од еден час патување стасуваме на железничката станица во Велес. Велес не е само централен град на земјата во географска смисла. Железничката станица на овој град има најголем број на дневни патници кои што ги користат услугите на Македонски железници. Оттука се сообраќа во четири правци ширум државата, а дневно патуваат од 150 до 200 патници.
За повратен возен билет од Велес за Скопје граѓаните треба да издвојат 190 денари, а доколку би се одлучиле за автобуски превоз би требале да издвојат најмалку двојно повеќе и тоа само во еден правец, а би потрошиле во просек исто време во патување, односно околу еден час.
„Верувам дека треба да се пуштат повеќе линии, оти има многу мал број на линии кои што не вршат работа за сите. Има некои што чекаат многу време за да можат да патуваат. Исто така да се зголеми хигиената“, смета Никола од Велес.
Сара Матева е исто така студентка од Велес, со која разговаравме на железничката станица во Скопје.
„Возовите треба да бидат секогаш точни оти многу често доцнат. А поредовните линии за нас студентите би биле олеснување. Јас сум задоволна од цената на билетот за студентите и затоа сметам дека возот повеќе би го користеле доколку почесто го има“, вели таа.
Бројот на патници во железничкиот сообраќај постојано опаѓа низ годините. Според официјалните статистички податоци, во третото тримесечје од 2024 година, во железничкиот превоз превезени се 59 илјади патници, 10 илјади помалку споредено со второ тримесечје во оваа година. За потсетување, во 2012 година биле превезени над еден милион патници, а во 2023 биле превезени вкупно 280.000 патници.
Од 15 декември вратен возот Скопје-Гевгелија-Скопје, а вратени се возовите за Кочани и Кичево. Официјално тие ќе започнат да сообраќаат околу половината на 2025 година.
„Мора да се поздрави ако веќе нешто се направи и треба да се направи и има зачетоци на такво нешто треба да го поздравиме затоа што досега што е замирање на оваа линија железничка“, вели пензионерот Мијалески поздравувајќи ги напорите на надлежните да го оживеат железничкиот транспорт.
Македонската железница располага со инфраструктура во должина од 699 километри. Моментално во земјава функционираат вкупно 14 патнички линии. И натаму од Скопје нема меѓународни патнички возови, кон Косово, Србија или Грција.
Колку за споредба, во соседна Србија бројот на превезени патници во железничкиот сообраќај се зголемува. Во првите шест месеци од оваа година бројот на преврзени патници е поголем за 5,2 отсто, во споредба со истиот период минатата година. Во меѓународниот сообраќај бројот на превезени патници е зголемен за 12,7 отсто.
Останува да се види дали овие напори ќе вродат со плод и дали железничкиот транспорт ќе добие на атарктивност поради неговите предности во период на економска и енергетска неизвесност.
Меѓународните истражувања покажуваат и дека возот е најеколошко средство за масовен превоз на патници.