Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина е време да се прослави духот на хуманитарноста и да им се оддаде почит на поединци кои прават разлика во нивните заедници              Фото: АП

Војни, природни непогоди, немири, катастрофи…Секогаш и секаде каде луѓето страдаат можат да се најдат волонтери или помош од организациите на Црвениот крст и на Црвената полумесечина. Светскиот ден кога се признава значењето на овие организации се прославува на 8 мај. Станува збор за глобален ден за славење на уникатноста и единството на меѓународно движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина е време да се прослави духот на хуманитарноста и да им се оддаде почит на поединци кои прават разлика во нивните заедници. Во продолжение ТРТ Балкан ви пренесува дел од клучните факти за овој меѓународен ден.

Главна тема годинава

Како и секоја година овој ден се прославува под одредена тема со која се праќа клучна порака до светот. Оваа година темата е „Сè што правиме доаѓа #од срце“.

„Сакаме да ги славиме луѓето во нашите заедници, од соседството кои честопати се првите кои ќе помогнат и ќе ги поддржат оние на кои им е потребна помош. Тие би можеле да бидат некој на работа; маалски бизнис-сопственик; волонтер од заедницата на Црвен крст или Црвена полумесечина; некој во теретана, продавница или на пазар на кој одиме; или некој што живее блиску кој секогаш бил покрај нас. Како и да не поддржуваат, тоа го прават со љубов и #од срце“, објаснуваат од овие две организации.

Историја

Идејата за Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина произлезе по Првата светска војна, кога на 14-тата меѓународна конференција на Црвениот крст се дискутираше за „годишна акција што може да земе замав во целиот свет...што ќе биде голем придонес за мирот“.

На крајот беше избран 8 мај затоа што е годишнина од раѓањето на основачот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Анри Динан.

Првиот „Меѓународен ден на Црвениот крст“ беше прославен на 8 мај 1948 година. Официјалниот наслов на денот се промени со текот на времето и стана познат како „Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина“ во 1984 година.

Денес, денот е можност секоја година да се слави мрежата на волонтери на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

„Да ја потврдиме нашата непоколеблива посветеност на заедничкото човештво и да размислуваме за нашите фундаментални принципи“, велат од овие две организации.

„Денеска ги славиме милионите волонтери и персонал од Црвениот крст и Црвената полумесечина ширум светот, кои секој ден во нивните земји, региони и заедници ја пренесуваат решеноста на Анри Динан да им пружи надеж и достоинство во средината на очајот на луѓето во ранливи ситуации без разлика или размислување за лична корист.“, велат од меѓународните организации.

TRT Balkan
Популарни