Според проценките, до 2026 година пред „малите“ екрани ќе седат речиси 5,8 милијарди гледачи / Photo: Reuters

Телевизијата е еден од првите предвесници на комуникацијата и глобализацијата во современиот свет. И покрај огромниот подем на интернетот и социјалните мрежи, телевизијата се уште се смета за највлијателен медиум.

Обединетите нации од 1996 година, 21 ноември го одбележуваат како Светски ден на телевизијата поради првиот Светски телевизиски форум кој се одржал на тој ден.

Според последните истражувања дури 98% од домаќинставата поседуваат барем по еден телевизор и гледаат скоро секојдневно телевизија.

Истражувањата на американската компанија Вижн Директ покажале дека еден просечен возрасен човек во текот на животот поминува дури 44 години гледајќи во екран, односно поминува 6.259 часа годишно. Од тоа околу 2 часа и 33 минути дневно поминува гледајќи телевизија.

Според податоците на аналитичката куќа „Адвертајзинг и медиа аутлук“ до 2026 година пред „малите“ екрани ќе седат речиси 5,8 милијарди гледачи.

Идејата за создавање на телевизијата била да информира, споделува и негува различности но и да шири култура.

Првата демонстрација на пренос на подвижни слики ја направил Британецот Џон Логи Берд на 25 април 1925 година. Токму тој ден се смета за роденден на телевизијата иако зборот телевизија за прв пат бил употребен во 1900 година на меѓународен конгрес во Париз.

Првата американска телевизиска станица започна со работа во 1928 година, а првата телевизиска реклама беше емитувана на 1 јули 1941 година во Њујорк, пласирана од компанија за часовници и траеше 20 секунди. Првиот ТВ сателит пак, беше лансиран во 1962 година, а во 1969 година над 600 милиони луѓе го следеа слетувањето на Месечината во живо од нивните домови.

Според сите проценки околу 1 милијарда луѓе го гледале настапот во живо на Елвис Присли од Хаваите на 14 јануари 1973 година.

Првиот далечински управувач стигна во 1980 година па така љубителите на „магичната кутија“ не мораа да стануваат за да го променат каналот.

Некои од најгледаните телевизиски серии на сите времиња се: М А Ш (врвна гледаност 105,9 милиони), Чирс (80,4 милиони), Сејнфелд (76,3 милиони), Френдс (52,5 милиони) и Магнум П.И. (50,7 милиони).

Најдолгото телевизиско интервју без прекини е прикажано во Шпанија, траеше дванаесет часа и 30 секунди, а на него учествуваа познати личности.

Сепак, и покрај подемот на социјалните мрежи, телевизијата ќе биде еден од најважните медиуми за информирање и следење на настаните.

TRT Balkan
Популарни