Околу 89.000 жени и девојчиња биле намерно убиени минатата година, според канцеларијата на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените - ОН Жени и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ).
„Алармантниот број на фемициди е јасен показател дека човештвото сè уште се бори со длабоко вкоренети нееднаквости и насилство врз жените и девојчињата“, рече Гада Вели, извршен директор на УНОДЦ.
Секој изгубен живот е повик за акција - молба, итно да се решат структурните нееднаквости, да се подобрат одговорите на кривичната правда, така што ниту една жена или девојка не би се плашела за својот живот поради нејзиниот пол.
Споредбено со 12 отсто од убиствата каде што жртвите се мажи, повеќе од половина од убиствата на жени, околу 55 отсто, биле извршени од членови на семејството или партнери.
Најмногу убиства на жени и девојки, околу 20.000, се случиле во Африка, а потоа во Азија, се наведува во извештајот на организациите на ОН.
Оваа година е забележан најголем годишен број на намерни убиства на жени и девојки во изминатите две децении, а жените и девојките во сите региони низ светот се погодени од овој вид на родово засновано насилство.
Глобалната достапност на податоци за убиствата поврзани со пол постепено се зголемува.
Сепак, остануваат значајни празнини во податоците за подобро разбирање на родовите убиства на жени и девојки во јавната сфера и врз жените со висок ризик, како што се политичарките, жените бранители на човековите права и новинарките.
Фемицидите извршени од интимни партнери или членови на семејството во Северна Америка се зголемија за 29 отсто помеѓу 2017 и 2022 година и на Карибите за 8 отсто во истиот период, додека во Централна и Јужна Америка се намалија за 10 отсто и 8 отсто, соодветно.
Европа, исто така, доживеа просечно намалување од 21 отсто на овие видови фемициди од 2010 година.