Таканаречените скриени трошоци на глобалните системи за храна изнесуваат околу 10 трилиони долари годишно, што е околу 10 отсто од глобалниот бруто домашен производ (БДП), објави Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) во својот најнов извештај.
Во Извештајот за состојбата на храната и земјоделството се наведува дека овие скриени трошоци главно се предизвикани од нездравата исхрана и земјоделството кое ѝ штети на животната средина.
Организацијата со седиште во Рим објави дека овогодинешниот извештај „ја разгледува реалната цена на храната за одржливи земјоделско-прехранбени системи“.
„Извештајот го воведува концептот на скриени еколошки, здравствени и социјални трошоци и придобивки од земјоделско-прехранбените системи и го предлага следниов пристап - сметководство на фактички трошоци (ТЦА) - за нивно проценување“.
Убедливо најголем дел од овие трошоци, повеќе од 70 отсто на глобално ниво, се должи на нездравата исхрана, се вели во извештајот.
Кај многу луѓе постојаното зголемување на процентот на масти, шеќери и ултра-обработена храна во исхраната е голем проблем.
Ваквиот начин на исхрана резултира со дебелина но и со други болести, со кои се оптоваруваат здравствените системи и истовремено предизвикуваат загуби кога е во прашање работната продуктивност.
Друга причина за „реалната глобална економска цена“ на сегашните системи за храна е животната средина, истакнува ФАО.
За ова придонесуваат емисиите на стакленички гасови, таложењето на азот и неодржливата потрошувачка на вода.
Земјите со ниски приходи се особено погодени од овие здравствени, еколошки и социјални трошоци.
Со цел да се намалат високите трошоци и да се квантифицираат правилно, ФАО ги повикува политичарите и компаниите да вршат редовни анализи.
Владите, на пример, би можеле да користат даноци, субвенции и регулативи за да ги приспособат постоечките системи за храна, се вели во извештајот.
Ваквите потези ќе овозможат препознавање и пренасочување на „вистинската цена“ на храната, што ќе им овозможи на системите за храна да се прилагодат на иднината.
Во 2024 година, ФАО сака да идентификува поконкретни начини за намалување на скриените трошоци.