Дали инсектите се храна на иднината во ЕУ?     Фото: АА

Богати со протеини, лесни за подготовка, со малку зачини до совршен вкус. Дали инсектите се новата храна во која Европската Унија ја гледа иднината за одржливо земјоделство? Се повеќе се вложува во фарми за инсекти кои на европскиот пазар ќе нудат скакулци, црви и најново во понудата-штурци.

Европската комисија ја одобри и третата група на инсекти кои ќе може да се користат како храна за луѓе на европско тло. Штурците официјално се додадени на менито.

Но, ако за добар дел од европскиот континент инсектите се чуден избор за нутритивни состојки, за делови од светот ваквата храна е вообичаена, а некаде и меѓу единствените редовни оброци. Па, тогаш што треба да направи Европа за да ја промени диетата?

Од земја до трпеза

Процесот на одобрување инсектите како храна го води Европската агенција за безбедност на храна. Засега сите три видови на одобрени инсекти може да се продаваат свежи, замрзнати, преработени и како состојки во други прехранбени производи.

За храната од инсекти важат сите правила како и за било кој друг производ. Продавачите треба да ги обележат производите со соодветна нутритивна вредност, рок на траење, место на производство и предупредувања за потрошувачите за алергенски реакции.

Истите ознаки се задолжителни и за било која храна која во себе состои делови од инсекти. Така што не треба да се грижите дека на пример во месни преработки, некој производител на храна наместо со телешко ќе ве „изненади“ со смеса од црви.

Во постапка на одобрување се уште девет видови на инсекти кои наскоро може да се најдат низ пазарите на Европската Унија. Некои видови инсекти исто така се одобрени од ЕУ, но тие се наменети за исхрана на домашните животни.

Секако, и производите од земјоделството кое се базира на исхрана со инсекти, во крајните производи треба да го наведе изворот на исхрана.

Спас од неухранетост?

Се посилни аргументи за одобрување на инсекти за човечка исхрана на европско тло се должат на лошите прогнози за следните декади. До 2050 година 75% од населението ќе живее во урбани центри.

Производството на храна ќе се соочи со многу проблеми, од недостиг на работна сила, па се до загуби поради екстремните временски настани како последица на климатските промени.

Традиционалното земјоделство кое се потпира на сточарство, фармерство и градинарство, според ФАО, ќе стигне критична точка кога нема да може да одговори на сите потреби. Затоа неопходни се иновативни техники и најверојатно промена на исхраната.

Тука на сцена стапуваат инсектите. Нивното масовно одгледување не создава загадување како на пример во сточарството со метанот кој го испуштаат кравите. Нутритивно и здравствено според студии кои ги спроведоа „Инсект Фарминг“ со повеќе научни установи, утврдено е дека нема никакви последици врз човекот.

Прашање на вкусови

Годишно се произведуваат околу 10.000 тони храна од инсекти во европски рамки. Најголем дел од овие инсекти завршуваат како храна за добитокот, а помалку во рецептите на Европјаните. Генерално во Европа не постои традиција на јадење инсекти, и тие како состојка не се сретнуваат во ниту една национална кујна.

Затоа прашањето за успешноста на инсектите на европските трпези, нема да биде детерминирано толку од регулативите кои ги носи Европската комисија, туку повеќе од промена на кулинарската култура и спремноста на био-тек компаниите да инвестираат во маркетинг кампањи за привлекување корисници.

Истражување на холандската Рабобанк проценува дека за помалку од 10 години производството на инсекти за исхрана ќе достигне половина милион тон годишно.

Низ цела Европа, а претежно во Франција веќе се планирани околу 1 милијарда евра инвестиции за иградба на фарми за одгледување инсекти и екстракција на протеини кои може да се користат како заменски производи на брашното, житните снегулки и протеинските плочки.

TRT Balkan
Популарни