Нобелови награди на аукција     Фото: ТРТ Балкан

Нобеловците вообичаено добиваат парична награда од половина до еден милион американски долари, но и златен медал кој чини околу 10.000 долари, според вредноста на скапоцениот материјал. Сепак, одредени нобеловци или нивните наследници решија да ги продадат одличјата од различни лични мотиви, а некои пак медали воопшто не предизвикаа интерес кај јавноста.

Последен во низата на нобеловци чии награди завршиле на продажба е рускиот новинар Димитриј Муратов, кој е минатогодишен Нобелов лауреат за мир. Тој реши да ја стави наградата на продажба за да им помогне на децата жртви на војната во Украина по руската инвазија.

Добитникот на Нобеловата награда за 2021 година     Фото: AFP

Оваа хумана цел беше препознаена и неговата Нобелова награда се продаде за рекордни 104 милиони долари. Средствата ќе бидат директно пренасочени на Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ). Така е постигната најголемата сума преку јавна продажба на нобелово одличје.

Далеку од гламурот

Не сите нобеловци живеат луксузно и гламурозно, па дури дел од нив во времето на добивање на наградата биле невработени.

Една од најнеобичните продажби на Нобелова награда ја направи Леон Ледерман во 2015 година. Нобеловецот кој се закити со одличјето за откривање на Хигсовиот бозон или т.н. „Божја честичка“ го продаде медалот за да ги покрие медицинските трошоци по долгото боледување во САД. Почина три години подоцна.

Леон Ледерман, добитник на Нобелова награда за физика     Фото: AP

Ледерман наградата ја доби во 1988 година за истражувањата со субатомските честички преку кои се поставува теоријата за настанокот на универзумот. Но, оставен речиси пред банкрот, тој реши да го продаде медалот за цена од 765.000 американски долари.

Аукции на популарни научници

Нобеловиот медал на двајцата лауреати за откривање на структурата на ДНК се продаде на аукција вредна 4,7 милиони долари. Најпрво, признанието доделено во 1962 година беше продадено во име на научникот Џејмс Вотсон во 2014 година.

Купувачот, милијардерот Алишер Усманов познат и како еден од сопствениците на Арсенал, потоа го врати медалот на семејството, а истакна дека платените средства сака да се пренаменат за научни истражувања.

Три години подоцна, дел од средствата на аукцијата организирана од Херитиџ беа доделени на наследниците на семејството на Френсис Крик кои добија 2,2 милиони долари. Крик заедно со Вотсон го реализираа откритието кое ја смени модерната наука во 60-те години.

Математичарот Џон Неш за кого беше снимен филмот „Прекрасниот ум“, исто така привлече внимание на аукција организирана од Кристи. Неговите наследници добија 735.000 долари кои потоа ги прераспределија за научни стипендии и организации кои работат на подобрување на менталното здравје.

Неш страдаше од шизофренија, а неговата состојба видно се подобри во 1994 година кога ја доби Нобеловата награда за економија. Беше награден за неговите заслуги за унапредување на математичките принципи во „Теорија на натпреварот“.

Но, некои аукции за продажба на Нобелова награда целосно пропаѓаа бидејќи за нив едноставно немаше интерес. Според проценките, минималниот праг за успешност на аукција на Нобелова награда не смее да биде под 450.000 американски долари, што е приближно колку паричната награда која се доделува на добитниците секоја година.

TRT Balkan
Популарни