Третина глечери заштитени како светско наследство ќе исчезнат до 2050 / Photo: AA

Третина од сите глечери наведени како подрачја на светското наследство на УНЕСКО до 2050 година ќе исчезнат како резултат на глобалното затоплување, се наведува во извештајот кој го објави УНЕСКО и Светската унија за заштита за природа (IUCN).

Овие глечери веќе губат 58 милијарди тони лед секоја година.

Постојат околу 18.600 глечери распоредени на 50 различни места на светското наследство ширум светот, според УНЕСКО. Заедно, овие глечери покриваат отприлика 66.000 квадратни километри и сочинуваат околу 10 отсто од светската површина на глечерите.

Глечерите од 2000 година побрзо се топат поради поголемата емисија на ЦО2.

Две третини од преостанатите глечери на подрачјата на светското наследство уште би можеле да се спасат доколку со напорите во борбата против глобалното затоплување се ограничи порастот на температурата на помалку од 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустрискиот период.

Експертите, меѓутоа, тврдат дека само радикалните мерки и големиот глобален политички ангажман би можеле да задржат растечки температури под порастот од 1,5 степени.

Главната директорка на УНЕСКО Одри Азулај го опиша извештајот како „повик за акција“ на светот во борбата против климатските промени во пресрет на меѓународната конференција за клима COP27 во Египет.

„Само брзото намалување на нашите нивоа на ЦО2 може да ги спаси глечерите и исклучително биолошката разновидност која од нив зависи“, рече Азулај.

TRT Balkan / агенции
Популарни