Пред 45 години бендот The Buggles ја отпеа легендарната песна „Видеото ги уби радио ѕвездите“, алудирајќи на новиот тренд во популарната култура и растот на специјализираните кабелски телевизии. Сега, можеби е време за ремикс на оваа песна во стилот „Стримингот ги уби ТВ ѕвездите“.
За првпат класичната телевизиска програма е помалку гледана од содржините на апликациите за стриминг. Според податоците на аналитичката куќа Нилсен во САД за првпат гледаноста на кабелските мрежи и телевизиски канали е под 50%.
Кабелските канали опфатиле 29% од публиката што е годишен пад од 12.5%, додека пак телевизија која се емитува преку стандарден сигнал гледале само 20% од публиката со годишен пад од 5.4%.
Стримингот е новиот крал на телевизијата
Налетот на сервиси како Јутјуб, Нетфликс, Ејч-Би-О, Дизни Плус, Амазон Прајм и Шоутајм како и останатите апликации имале рекордна телевизиска публика во јули годинава, која бележи метеорски раст од 25% на годишно ниво.
Изборот да се гледаат серии и филмови во време кое е погодно за корисникот и кое не зависи од програмската шема на телевизиите довела до опфат од речиси 39% од публиката во САД.
Истовремено рејтингот на класичните телевизии, како кабелски така и со јавен сигнал е во постојан пад, но и натаму се одржува во живот, пред се поради емитувањето на вести и информативни содржини, реалити шоуа, како и спортски преноси.
Растат претплатите, а квалитетот опаѓа
Стриминг сервисите по првичниот бум и период на златната ера на „бинџ“ сериите, се соочуваат со критики од публиката за лошиот квалитет на содржините, и падот на креативност кај омилените франшизи на Marvel, DC Comics, Star Wars, The Walking Dead, Lord of the Rings, The Witcher и многу други.
Содржините кои привлекуваа најголема публика остварија лоши сезони со ниски оценки од критичарите, и разочараност кај фановите.
Стриминг сервисите поради достигнувањето на горната граница на претплатници направија и план за реструктирање на програмата за намалување на трошоците, укинувајќи многу премиери на речиси завршени проекти, а многу серии се и целосно откажани, па дури и избришани од каталозите.
Во тек е и штрајкот на сценаристите и актерите во Холивуд кои додека не се исполнат нивните услови за работа во филмската и телевизиска индустрија нема да креираат нови содржини.
Стриминг компаниите засега не попуштаат и сериозно размислуваат за употреба на вештачка интелигенција во креативниот процес, што дополнително може да го намали квалитетот на содржините.
Истовремено цените за претплата на поголемите стриминг апликации се зголемуваат, некои воведуваат реклами за основната претплата (што ужасно потсетува на класичната телевизија), и прават напори да го спречат споделувањето лозинки, за користење на ист профил на повеќе уреди и помеѓу пријатели.
И секако, тука се и интересите на големите корпорации кои ги поседуваат апликациите за остварување максимален профит. По годините на масовни вложувања во содржини, се почесто на стриминг сервисите може да се види евтина продукција, што беше карактеристична за класичните телевизиски канали.
Тоа се пред се нискобуџетни серии со многу епизоди, бројни реалити шоуа, емисии за готвење, патување и животен стил и откуп на телевизиски содржини од помалку развиени пазари во Латинска Америка, Азија и Европа, за пополнување на понудата.
Затоа и се помал ќе биде бројот на „бинџ“ серии во понудата кои се гледаат во еден здив, а се повеќе во каталозите на стриминг сервисите ќе доминираат евтини продукции.
Можеби успехот на стриминг платформите засега е несопирлив, но брзиот технолошки напредок и менувањњто на навиките на гледачите оставаат простор за промени во рејтинзите и трендовите пред екраните.