Канскиот филмски фестивал утре ќе го распостели црвениот килим за многу филмски ѕвезди меѓу кои и холивудските актери Леонардо ди Каприо, Натали Портман и Харисон Форд кои се очекуваат на блескавиот филмски настан на француската ривиера. Овогодинешниот фестивал е 76-то издание на најголемата изложба на кинематографијата, составена од проекции, прес-конференции и гламурозни забави.
Еве се што треба да знаете за еден од најважните филмски фестивали.
Историја на Кан
Кан е најголемиот филмски фестивал во светот, првпат одржан во 1939 година како алтернатива на филмскиот фестивал во Венеција кој тогаш бил под влијание на фашизмот.
Фестивалот е познат по својата внимателно избрана програма на филмови кои потоа стигнаа до оскаровска слава или ја започнаа кариерата на режисери како Квентин Тарантино.
Паралелно со фестивалот работи и најголемиот светски филмски пазар, кој секоја година привлекува повеќе од 12.500 професионалци од филмската индустрија.
Фестивалот оваа година започнува на 16 мај, со филмот на француски јазик „Jeanne du Barry“ во кој главните улоги ги толкуваат режисерката Мајвен и актерот Џони Деп. Ќе трае до 27 мај, а ќе се затвори со анимираниот филм „Елементарно“ на студиото Пиксар.
Во трка за главната награда
Главната награда на Кан е Златната палма, чии минати добитници се „Таксист“, „Апокалипса сега“, „Евтини приказни“, „Пијанист“ и „Паразит“.
Само две режисерки досега ја добиле наградата: Џејн Кемпион и Џулија Дукурно за „Пијано“, односно „Титан“.
Филмот на режисерот Рубен Остлунд „Триаголник на тагата“, во копродукција на Турската радио и телевизија (ТРТ) ја освои Златната палма минатата година.
Во наградите се вклучени и Гран при, награда од жирито, најдобар режисер, најдобар актер, најдобра актерка, најдобро сценарио и најдобар краток филм.
21 кандидат
Неколку категории го сочинуваат официјалниот избор на прикажани филмови, а на врвот се филмовите „во конкуренција“ кои се борат за наградата „Златната палма“ оваа година.
Познатиот турски режисер Нури Билге Џејлан е исто така меѓу 21-от кандидат за оваа година со неговиот филм „Куру Отлар Устуне“ („За сувите треви“).
Покрај филмот на Џејлан, тука се и другите кандидати:
„Клуб нула“ од Џесика Хауснер
„Зона на интерес“ од Џонатан Глејзер
„Kuolleet Lehdet“ („Паднати лисја“) од Аки Каурисмаки
„Les Filles d’Olfa“ („Четири ќерки“) од Каутер Бен Ханија
„Астероид град“ од Вес Андерсон
„Anatomie d'une Chute“ („Анатомија на еден пад“) од Џастин Триет
„Каибуцу“ („Чудовиште“) од Коре-еда Хироказу
„Il Sol dell' Avvenire“ („Посветло утре“) од Нани Морети
„L’ete dernier“ („Минатото лето“) од Кетрин Брејлат
„Ла Химера“ од Алис Рорвачер
„La Passion de Dodin Bouffant“ („Страста на Додин Бофан) од Тран Ан Хунг
„Рапито“ („Киднапиран“) од Марко Белокио
„Мај декември“ од Тод Хејнс
„Кинг Чун“ („Младост“) од Ванг Бинг
„Стариот даб“ од Кен Лоуч
„Банел е Адама“ од Рамата-Тулаје Си
„Совршени денови“ од Вим Вендерс
„Firebrand“ од Карим Аинуз
„Црни муви“ од Жан-Стефан Совер
„Le Retour“ („Враќање дома“) од Кетрин Корсини
Филмовите што се прикажуваат надвор од конкуренција ги вклучуваат „Убијците на цветната месечина“ на Мартин Скорсезе и враќањето на Харисон Форд како славниот авантурист во „Индијана Џонс и тркалото на судбината“.
Исто така, постојат категории за кратки филмови и посебната селекција „Un Certain Regard“ фокусирана на уметнички филмови.
Скорсезе повторно е во Кан
Скорсезе премиерно го претстави своето ремек-дело на урбаното отуѓување, „Таксист“, во Кан во 1976 година. Неговото деби беше едно од најжестоките во историјата на Кан, привлекувајќи свирежи и неколку напуштања за насилството во приказната на Скорсезе за разочараниот њујоршки таксист Тревис Бикл. (Роберт Де Ниро).
Драматургот Тенеси Вилијамс, тогашен претседател на жирито, дури го осуди филмот.
Сепак, „Таксист“ ја освои главната чест на Кан, Златната палма. Откако слушнале за неодобрувањето на Вилијамс, Скорсезе и екипата веќе полетале назад, со уништени надежи за некоја голема награда.
„Убијци на цветната месечина“, неговата долгоочекувана адаптација на бестселерот на Дејвид Гран, е неговиот прв нов филм кој премиерно ќе биде прикажан во официјалната селекција во Кан по „Доцна во ноќта“ во 1986 година со кој ја освои наградата за најдобар режисер.
Со траење од 206 минути, станува збор за серија убиства на домородни Американци во 1920-те години во Оклахома и истрагата на ФБИ што потоа следела.