Оскарите оваа година ќе понудат микс од популарни филмови, блокбастери и миленичиња на филмските критичари на главната церемонија која ќе се одржи во недела на 12 март по калифорниско време.
За најдобро филмско остварување се номинирани дури десет филмови, од големите блокбастери како „Маверик: Топ Ган“, „Аватар: Патот на водата“, хитовите на стриминг платформите „На запад ништо ново“, и „Елвис“, автобиографскиот филм на Спилберг „Фабелманови“, фаворитите на филмските фестивали „Пророчиците од Иншерин“, „Се секаде одеднаш“, „Тар“ и „Се шушка кај жените“ па се до европската сатира „Триаголник на тагата“.
Секако, Оскарите не може да поминат без контроверзии, па така годинава на социјалните мрежи се критикува што ниту една жена не е номинирана во категоријата за режија, а исто така и дека двата филма „Жената крал“ и „Се шушка кај жените“ кои се предводени претежно од женски актерски екипи исто така не добија номинации во главните актерски категории.
Фановите на акционата ѕвезда Том Круз исто така се разочарани затоа што не е номиниран за најдобар актер иако досега речиси никогаш не била доделена номинација за најдобра машка главна улога за акционен блокбастер, па така Академијата има „оправдување“.
Од друга страна за пофалба е и тоа што се оддава големо признание на холивудските актери и режисери со азиско потекло. Благодарение на големиот успех на сај-фај комедичната драма „Се секаде одеднаш“ номинација за најдобра режија доби Даниел Кван заедно со Даниел Шајнерт, Мишел Јео е номинирана за најдобра женска улога, додека пак Ке Хуј Кван е номиниран за споредна машка улога, а Стефани Хсу за женска споредна улога.
Најголеми изненадувања приредија Пол Мескал, млад британски актер кој е номиниран за главната улога во „Крема за изгореници“ и Андреа Рисенбру во „За Лесли“ која беше поддржана од десетина холивудски актерки.
Годинава водител на церемонијата ќе биде комичарот Џими Кимел, кој се пошегува дека третата покана од Академијата ја сфаќа или како голема чест или како стапица, и се заблагодари што брзо му ја понудиле работата откако сите што биле квалитетни одбиле.
Севкупниот впечаток е дека годинава понуди просечен квалитет на филмови што се одразува и во номинациите, па речиси и воопшто да не се говори за величествени и неповторливи улоги или режисерски остварувања.
Меѓу очигледните фаворити е Брендан Фрејзер кој направи камбек во улога на прекумерно тежок наставник по книжевност кој се обидува да го обнови односот со неговата ќерка. Фрејзер беше хит актер во 90-те години, особено со франшизата „Мумија“, но потоа исчезна од радарот и победа би значела круна на неговата истрајност во филмската индустрија. Номинирана е и неговата колешка Хонг Чау за најдобра споредна женска улога, додека пак за режисерот Дарен Аронофски нема признание.
За најдобар филм освен досега наградуваните „Пророчиците од Иншерин“, и „Се секаде одеднаш“, големи шанси за успех му прогнозираат на Стивен Спилберг кој својата љубов и опсесија за кинематографијата ја прикажа во „Фабелманови“, филм делумно посветен и на неговото семејство.
Во категоријата најдобра актерка помали шанси има Мишел Филијамс за „Фабелманови“, како и Кејт Бланшет во „Тар“ и Ана де Армас за критикуваниот филм „Блонди“ кој ја прикажува Мерлин Монро во погрешно светло.