Режисерката  Митевска и актерката Нушева на филмскиот фестивал во Берлин   Фото: TRT Balkan

Со многу прикажани филмови на филмски фестивали ширум светот и со освоени престижни награди, успехот на режисерите придонесува во развојот на филмската индустрија во регионот.

Милчо Манчевски, еден од најпрестижните режисери во светот и Теона Митевска, првата македонска режисерка на долгометражен филм, за ТРТ Балкан ги раскажуваат нивните филмаџиски авантури.

Манчевски го одржува успехот

Најверојатно, еден од најпознатите режисери во светот е Милчо Манчевски, благодарение на фактот што освои номинација за Оскар за „Пред дождот (1994) и победи во Венеција освојувајќи „Златен лав“. Многу филмски критичари го оценуваат како „еден од најважните филмови во историјата на кинематографијата“, па така со овој успех ги одбележа 90-те години.

Исто така неговите останати филмови како „Врба“ (2019), „Бикини мун“ (2017), „Мајки (2010), „Сенки“ (2007), и „Прашина“ (2001) добија бројни награди на многу престижни фестивали во различни категории. Новиот долгометражен филм „Кајмак“ на Манчевски веќе се прикажува на фестивалите во натпреварувачкиот дел.

Режисерот Манчевски на премиерата на „Врба“ во Рим     Фото: AP

„Нема големи или мали држави во кинематографијата, има само големи и мали филмови“, вели Манчевски за ТРТ Балкан.

Делата на Манчевски се прикажани на повеќе од двесте фестивали, а дистрибуирани се во близу 50 земји.

Жените режисери под рефлекторите

На Балканот жените филмаџии конечно го добиваат својот глас во последните години. На пример „Медена земја“ (2019) во ко-режија на Тамара Котевска беше номинирана за два Оскара, во категориите најдобар документарен филм и најдобар странски филм.

„Каде одиш, Аида?“ („Quo Vadis, Aida?“, 2020) на Јасмила Жбаниќ од Босна и Херцеговина е номинирана за Оскар за најдобар странски филм. Филмот „Кошница“ на Блерта Башоли (2021) од Косово освои три главни награди на филмскиот фестивал Санденс. Тоа е првиот косовски филм кој влезе во потесниот круг на Оскарите.

Режисерката Теона Стругар Митевска на Берлинале     Фото: AFP

„Работата во доминантно машка индустрија е предизвик за секоја жена. Се надевам дека на младите генерации им е полесно“, изјави Теона Митевска за ТРТ Балкан.

Предизвици за снимање филмови - Финансиски проблеми

Финансиските тешкотии во филмската индустрија се еден од најважните проблеми во малите балкански земји.

„Има плејада на тешкотии кога доаѓаш од мала и сиромашна земја. Постојат буџетски ограничувања, нема многу квалификувани членови во екипата“, вели Манчевски.

„Ќе ни треба континуитет во механизмите за финансирање, успехот е тесно поврзан и со стабилноста, што значи дека ако се развие стратегија, мора да се држиме до неа“, изјави Митевска.

Таа ја спомена и важноста на механизмот за даночни олеснување за филмскиот сектор.

„Друг важен аспект се механизмите за даночни олеснување, ова е нешто многу ново на Балканот и системот не функционира целосно. Ни требаат луѓе во владата кои би можеле успешно да ги спроведат политиките за намалување на даноците“, посочува Митевска.

Јазична бариера

Јазикот и натаму е голем проблем иако е составен дел на секоја култура. Европските јазици, особено англискиот, францускиот и германскиот, доминираат во филмската индустрија поради економскиот и уметничкиот придонес на европските земји и САД во развојот на секторот.

Балканските јазици се борат да најдат место во секторот.

„Јазикот е и отсекогаш бил блокада за дистрибуција, но ништо не може да се направи за тоа бидејќи јазикот е дел од културата. Можеби во блиска иднина оваа јазична бариера може некако да биде избришана со новите технологии или едноставно со тоа што повеќе ќе биде прифатен разновидниот свет“, смета Митевска.

Стереотипни очекувања

Со години, предрасудите и стереотипите за балканските народи ги мачат локалните филмаџии. Дури и зборот „Балкан“ носи сеќавања на војните и конфликтите од минатите децении.

Манчевски за ТРТ Балкан раскажа приказна за балканските стереотипи и предрасуди кои Западот сака да ги види.

„Пред неколку години подготвував филм и разговарав со европски копродуценти. Во раните фази на развој, продуцент од Австрија беше заинтересиран да се приклучи на проектот. Сепак, проблемот беше што филмот „не беше доволно македонски“, раскажува Манчевски.

Тој додаде: „Еден од проблемите се етноцентричните очекувања на западните партнери (продуценти, продажни агенти, фестивали...), кои се обидуваат јас да им ги потврдам нивните предрасуди за тоа каков треба да биде еден македонски филм“.

Индустрија доминирана од мажи

Фактот дека во филмската индустријата доминираат мажи е ситуација со која режисерките тешко се справуваат. Според истражувањето на БиБиСи од 2018 година, мажите не само што доминираат во снимањето филмови, туку и во самите филмови. Исто така, тие најмногу поминуваат време во говорите на доделувањето Оскари. Ова е знак за сериозен вид нееднаквост.

„Индустријата во последно време се повеќе ги прифаќа жените, што не значи дека нема предизвици. Кога почнав да снимам филмови, бев прва жена-режисер во земјата и верувајте ми, требаше многу време за да ме сфатат сериозно. Морав да се борам за моето место, да докажам дека вредам, да покажам дека сум способна, што беше тешко, и никому не би го препорачала. “, посочува Митевска.

Придонесот на режисерите

Во кино-секторот, доминацијата на режисерите се уште е факт бидејќи режисерите имаат контрола врз секој аспект од снимањето филмови.

Тие се предводници кои ги претставуваат нивните земји ширум светот во кино индустријата.

„Покрај есеите, книгите и написите напишани за моите филмови и наградите, за многу луѓе во светот - без разлика дали во Бразил или во Јапонија - зборот Македонија е директно поврзан со моите филмови што е многу добар придонес за македонската кинематографија“, потенцира Манчевски.

Тие се носители на големи пораки преку нивните филмови.

„Јас сум режисерка која се докажа во индустријата. Се надевам дека поттикна многу млади девојки еден ден да станат филмски режисери, имаме се поголем број жени кои влегуваат во професијата и тоа е прекрасно. Повеќе жени кои имаат можност значи поинаква перспектива во раскажувањето на приказни“, заклучува Митевска.

TRT Balkan
Популарни