Почина швајцарско-францускиот режисер Жан Лук Годар     Фото: Reuters

Жан Лук Годар, еден од пионерите и најславни режисери на француската кинематографија од „новиот бран“, почина на 91 годишна возраст.

Неговото семејство соопшти дека починал мирно опкружен со неговите блиски во неговиот дом во Роле, Швајцарија.

Зад Годар стои една од најбогатите филмски кариери, не само од француската школа, туку и воопшто во кинематографијата со завршени речиси 150 проекти, од кои педесетина се долгометражни филмски остварувања.

Во 60-те години, Годар како филмски критичар кој се спротивставувал на воспоставените филмски норми, почнал самиот да снима филмови, предводејќи ја новата школа на режисери.

Неговите рани години на творештво се обележани со револуционерни, радикални и левичарски ставови, а подоцна станува поумерен во приказот на политичката определба и се насочува кон приказни гледани од хуманистички аспект во чиј фокус се човечкиот конфликт, стремежи и емоции.

Добитник е на преку 50 награди за неговите дела, вклучувајќи ги главните награди на најголемите филмски фестивали во Европа и светот. Во 2010 година Академијата за филмски уметност му додели Оскар за животно остварување, но тој не присуствуваше на церемонијата.

Во филмовите често му гостуваа актери како Жан Пол Белмондо кој стана вистинска филмска легенда, како и Ана Карина и Ана Вјажемски, неговите музи со кои сними многу филмови, но и пројде низ два неуспешни брака.

Францускиот претседател Емануел Макрон на Твитер напиша: „Изгубивме национално богатство, око на гениј“. Тој рече дека Годар е „господар“ на кинематографијата - „најиконоборецот од Новиот бран“.

Меѓу режисерите кои му оддадоа почит е и Едгар Рајт авторот на „Последната ноќ во Сохо“, кој го нарече Годар „еден од највлијателните иконоборци од сите филмаџии“.

TRT Balkan / агенции
Популарни