Сатиричниот филм „Триаголник на тагата“ на режисерот Рубен Остлунд, во копродукција на Турската радио и телевизија (ТРТ), освои три номинации за Оскар, вклучително и номинација за најдобро филмско остварување на годината.
Номинациите беа претставени од актерите Риз Ахмед и Алисон Вилијамс во театарот на академијата Семјуел Голдвин во Беверли Хилс, Калифорнија.
„Триаголник на тагата“ доминираше на Европските филмски награди (ЕФА), освојувајќи награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, а наградата за најдобар актер отиде во рацете на Златко Буриќ.
Филмот во кој се прикажани инфлуенсери и милијардери на брод за крстарење, на кои ненадејно од неочекувани настани ќе им се поткопа статусот, всушност е сатира за невкусот на екстремното богатство. Претходно ја доби и Златната палма главната награда на Канскиот филмски фестивал.
Покрај тоа што е номиниран за најдобар филм, „Триаголник на тагата“ е номиниран и за најдобро оригинално сценарио, а номинација заработи и скандинавскиот режисер Остлунд.
Додека на минатогодишните Оскари доминираа стриминг платформите - „КОДА“ на Eпл ТВ Плус ја освои наградата за најдобар филм, а Нетфликс заработи рекордни 27 номинации - оваа година меѓу главните кандидати се филмови кои беа популарни меѓу публиката и критиката.
Најмногу номинации, вкупно 11 доби „Се секаде одеднаш“, а по девет номинации добија „Пророчиците од Иншерин“ и „На Запад ништо ново“.
„Триаголник на тагата“ ќе се натпреварува со уште девет филмови во главната категорија на церемонијата која ќе се одржи на 12 март.