„Балканска приспивна песна“ ги освои срцата на гледачите во Скопје     Фото: АА

Премиерата на првата епизода од новата серија „Балканска приспивна песна“ (Balkan Ninnisi) во продукција на турската државна телевизија (ТРТ), се одржа во Скопје, а првата епизода беше проследена со воодушевување од присутните. Куриозитет е фактот дека премиерата на серијата одеше истовремено и на ТРТ 1 каналот во Туркије (Турција) и на промотивниот настан во Скопје.

На премиерата, која се одржа во Куршумли Ан во Старата скопска чаршија, присуствуваа министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на Управниот одбор на ТРТ, Ахмет Албајрак, генералниот директор на ТРТ, Мехмет Захид Собаџи, актерите од серијата, политичари, пратеници, претставници на турски институции и организации во земјата и бројни други гости.

Генералниот директор на ТРТ, Собаџи, во изјавата за медиумите пред почетокот на премиерата, потсетувајќи дека првата епизода од серијата ќе ја гледаат истовремено со гледачите на телевизискиот канал ТРТ 1 во Туркије, рече дека со задоволство првата епизода ќе ја гледа заедно со актерите и гостите во Скопје, каде што се одвива и приказната.

Фото: AA

Реализирани два важни проекти на ТРТ на Балканот

Тој истакна дека ова е уште една од телевизиските серии на ТРТ снимени во странство.

„Како семејство на ТРТ, многу силно се фокусираме на Балканот, кој го нарекуваме наше срце. Со јавноста ги споделуваме нашите важни проекти и конкретни дела во однос на новинарството и продукцијата, кои се нашите основни полиња на активност. Вчера, ја претставивме и лансиравме нашата дигиталната платформа за вести ТРТ Балкан. Затоа како ТРТ, за два дена, ја доживеавме возбудата да споделиме и реализираме два важни проекти со вас овде. Ова е знак на важноста што и ја придаваме на овие простори како ТРТ“, истакна Собаџи.


Тој изрази уверување дека „Балканската приспивна песна“ ќе ги освои срцата на гледачите. Меѓу другото, Собаџи посочи дека ТРТ во последниот период придава големо значење на различноста на нивните продукции.

„Покрај успешните историски драми, од сериите кои се емитуваат на екраните во последно време може да се види и разбере дека даваме важност на различните теми. Всушност, серијата „Балканска приспивна песна“ е одраз на оваа нова перспектива“, смета Собаџи.

Очекувања за висока гледаност на серијата

Верува дека од серијата „Балканска приспивна песна“ можат да се извлечат многу поуки за луѓето и меѓучовечките односи.

„Во овој контекст, верувам дека нашата серија ќе биде проследена со големо воодушевување и кај нас, во Туркије, и на Балканот и на меѓународната сцена. Се надевам дека ќе има висок рејтинг, и висока гледаност“, додаде Собаџи.

Истакнати актери дел од серијата

Во главната улога на серијата, покрај Ердал Озјагџилар играат и Озлем Туркад, Емре Бег и Мерих Озтурк.

Режисерите на оваа серија се Доган Умит Караџа и Волкан Капкин, додека сценаристи се Угур Узунок, Нурулах Севимли, Абдулхамит Ишик и Есма Коч.

Фото: AA

Љубовна приказна на Ертан и Јованка

Турската серија „Балканска приспивна песна“ ја раскажува љубовната приказна на Ертан и Јованка кои се запознале во Скопје и меѓу двајцата млади набргу се родила љубов. Сепак, семејствата се главна пречка во љубовта помеѓу двајцата.

„Приказна за градот Скопје, поделен со реката Вардар и споен со Камениот мост... серијата ги раскажува искрените, весели и забавни приказни на балканските луѓе“, се вели во промо видеото на оваа серија.

AA
Популарни