Компанијата Волт Дизни соопшти дека ќе инвестира 1,5 милијарди долари за стекнување на акционерски удел во Епик Гејмс, со цел да развие повеќегодишен проект.
Конгломератот за масовни медиуми и забава соопшти дека ќе соработува со Epic Games на „потполно нов универзум на игри и забава што дополнително ќе го прошири досегот на саканите приказни и искуства на Дизни“, се вели во соопштението.
Потрошувачите ќе можат да играат, гледаат, купуваат и се занимаваат со содржини и ликови од Дизни, Пиксар, Марвел, Војна на ѕвездите, Аватар и други франшизи и да создаваат сопствени приказни и искуства.
Новите содржини ќе се креираат со Анриал Енџин - софтверот за 3Д компјутерска графика за игри кој е развиен од Епик.
„Ова го означува најголемиот влез на Дизни досега во светот на игрите и нуди значителни можности за раст и проширување“, рече извршниот директор на Дизни, Роберт А. Игер.
Извршниот директор и основач на Епик Гејмс, Тим Свини, рече дека соработката ќе ги обедини заедниците на корисници на Дизни и популарната видео игра Фортнајт.