За првпат светот годинава ќе го одбележи меѓународниот ден за нула отпад Photo: TRT Balkan

Жителите на земјите од Западен Балкан годишно создаваат до 500 килограми комунален отпад, од кој над 75% се третира преку системот за комунална хигиена, но и натаму голем проблем создаваат дивите депонии и недостигот на инфрастуктура во руралните средини.

Проблемот со отпадот во регионот се должи и на нискиот степен на рециклирање, па така отпадот останува на депониите каде се декомпресира и создава штетни стакленички гасови во атмосферата.

Глобален проблем

За првпат светот годинава ќе го одбележи меѓународниот ден за нула отпад по иницијативата која ја покрена Туркије до Организацијата на Обединетите нации како одговор на влошувањето на состојбата со загадувањето и последиците врз животната средина.

Минатата година Република Туркије поднесе предлог до Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) за борба против климатските промени и воспоставување планови за одржлив развој.

По одлуката на Генералното собрание на ОН, 30 март се одбележува како Меѓународен ден на нулти отпад низ светот. ОН го прогласи овој датум за Меѓународен ден, со Туркије како главен презентер и 105 земји како копрезентери.

Со својот проект „Zero Waste“, Туркије се истакнува како пример во сите еколошки проекти и проекти за заштита на природата во светот.

Цел на проектот е да се спречи создавање отпад, поефикасно користење на ресурсите, спречување или минимизирање на создавањето отпад преиспитувајќи ги причините и одвоено собирање и рециклирање на отпадот.

Филозофијата „Zero Waste“ настојува да го елиминира отпадот од сите аспекти на животот, вклучително и кулинарската практика. „Кујна без отпад“, што е императив на денешнината, со генерации е мотив на турската кујна.

Турската кујна е заснована врз идејата да се води грижа за храната, нудејќи решенија за користење на сите елементи на растителните и животинските продукти. На турските трпези во фокус се јадењата направени од природни и органски состојки, како и веганска и вегетаријанска кујна.

Речиси за секое јадење во различниот асортиман на турската кујна се користат состојки без да се прави расипништво. На пример, има јадења што се прават од стар леб, преостанатиот ориз станува супа. За правење долми (полнети бабури или пиперки), внатрешноста од тиквичките или црните домати се отстранува, но никогаш не се фрла, при што од тоа се прави нешто друго. Традиционалната кујна и јадења што ги сервираат на големи семејни собири со векови биле база на одржливо и складно постоење на овие простори.

Туркије, исто така, му дава пример на светот со формирањето Национална програма за одржлив туризам и со потпишувањето на договорот за соработка со врвната светска платформа за околина и одржливост - Глобален совет за одржлив туризам (GSTC).

Со цел реструктурирање на туристичката индустрија, што ќе се одвива во следните три години во рамките на договорот, Туркије е прва земја во светот која на тој начин му пристапи на туризмот и со својата Влада разви национална Програма за одржлив туризам.

Програмата, која стартуваше минатата година, има цел да ги максимизира социјалните и економските придобивки за локалното население, унапредувајќи ги културното наследство и заштитата на биодиверзитетот, екосистемите и природните убавини, со намалување на загадувањето и зачувување на ресурсите.

Во рамките на Програмата за одржлив туризам, која првенствено е креирана за сместувачките капацитети, се очекува дека постепената транзиција ќе биде завршена до 2030 година.

Благодарение на ефективното планирање на одржливост, сместувачките објекти се поттикнуваат доследно да се подобруваат од аспект на одржливоста.

Во тој контекст, врз основа на упатствата дадени од турското Министерство за култура и туризам, од 15 ноември 2022 година сите сместувачки објекти во Туркије мора до крајот на 2023 година да добијат верификација од првата фаза на одржливиот туризам.

Клучните насоки се утврдени во минатогодишната резолуција на ОН за нула отпад вклучувајќи ги и заложбите за ставање крај на пластична епидемија на отпад.

„Третирајќи ја природата како депонија ние си ги копаме нашите гробови. Време е да размислиме за последиците кои отпадот ги предизвикува врз нашата планета и да најдеме решение за оваа смртоносна закана", порача Антонио Гутереш генералниот секретар на ОН.

Градовите се позатрупани

Во светот годишно се создаваат 2 милијарди тони комунален отпад од кој 45% не се третира соодветно.

Со оглед што се очекува да се зголемува градското население во следните две децении, доколку не се преземат нови мерки до 2050 година количината на нетретиран комунален отпад ќе се зголеми на 4 милијарди тони годишно.

„Управувањето со отпадот е клучно за надминување на предизвиците со домувањето, хигиената на нашите градови и секако климатска криза", рече Маимунах Мохд Шариф извршен директор на Хабитат.

Отпадот ја влошува климатска криза

Отпадот од пластика создава огромни проблеми за морскиот свет, што директно влијае и на влошување на климатската криза.

Исто така декомпресирањето на органскиот отпад придонесува за зголемени количини на стакленички гасови во атмосферата меѓу кои и метан, доколку не се третира на правилен начин.

Освен технолошки процеси за рециклирање кои се неопходни исто така е неопходно да се намали прекумерната потрошувачка, особено на пластиката за една употреба и да се намали отпадот од храна и земјоделското производство.

Туркије предводник за нула отпад

Туркије, која ја предложи резолуцијата заедно со 105 други земји, е меѓу лидерите на движењето за нула отпад. Туркије го започна својот проект за нула отпад во 2017 година под водство на Првата дама нејзината екселенција Емине Ердоган.

На маргините на Генералното собрание на ОН во 2022 година, првата дама на Туркије и генералниот секретар на ОН потпишаа документ за добра волја за продолжување на проектот за нула отпад на земјата на глобално ниво.

„Проектот нула отпад, кој го започнавме пред пет години, е важен чекор за преземање акција како одговор на повикот на природата за помош“, рече нејзината екселенција Емине Ердоган.

Неопходни се иновации

За да се намали количеството отпад потребни се промени во многу индустрии кои создаваат производи за масовна потрошувачка, што треба да води кон поголема промена на принципот на реупотреба и циркуларна економија.

„Имаме техничка експертиза и желба за иновации. Имаме знаење – и научно и теренско знаење – да најдеме решенија за кризата со отпадот", истакна Ингер Андерсен извршната директорка на УНЕП.

Покрај вложување во науката и подобрување на техничките капацитети потребна е и јасна политичка волја за промени, како и поголема едукација за отпадот.

TRT Balkan
Популарни