Неколку мобилни апликации претендираат да придонесат за транзиција кон одржлива мобилност и да го намалат загадувањето на воздухот.

Низ Западен Балкан, нивоата на загаденост на воздухот деновиве се екстремно високи. Загадувањето на воздухот е меѓу најголемите еколошки закани за здравјето на луѓето во регионот.

Според извештајот објавен од Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) во 2021 година, загадувањето на воздухот во просек „краде“ од 13 до 16 месеци од животот на жителите на градовите во регионот, а како последица на тоа има речиси 5.000 смртни случаи.

Загадувањето на воздухот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи во регионот секоја година.

Неколку мобилни апликации претендираат да придонесат за транзиција кон одржлива мобилност и да го намалат загадувањето на воздухот.

Апликации за позелен начин на живот

Денес никогаш не било полесно да се живее „позелен начин на живот“ и да се прават мали промени за да и се помогне на животната средина. Ако сакате да направите мали промени постојат еколошки апликации што можете да ги користите со цел да го намалите загадувањето.

Сведоци сме на појавата на нови иновативни апликации и технолошки решенија низ Балканот кои се справуваат со климатските промени и заштита на животната средина. „Челинџер“ (Challenger) е една од нив и може да биде особено корисна во борбата со загадениот воздух на Балканот.

Олга Рајчиќ, ко-основач на апликацијата Челинџер, вели:

„Веруваме дека сè уште има простор за повеќе зелени апликации, но треба да бидеме обединети за да постигнеме подобри резултати, наместо да се перципираме едни со други како конкуренти“.

Челинџер е мобилна апликација од Северна Македонија и се шири на целиот Балкан. Служи како алатка за мотивација за луѓето да ги заменат своите автомобили со поодржливи методи на транспорт, како што се возење велосипед и пешачење.

Транспортните емисии често сочинуваат најголем дел од нашите индивидуални јаглеродни отпечатоци. Од таа причина, менувањето на опциите за транспорт е првиот начин да се спречи загадувањето на воздухот, без разлика дали тоа е за секојдневни потреби или за патување.

„Денес, Челинџер има 10.000 корисници во Северна Македонија кои поминале повеќе од еден милион зелени километри и околу 6.000 т/м3 јаглерод диоксид се заштедени со помош на апликацијата“, вели Олга Рајчиќ.

Со оваа апликација, секој испешачен или извозен километар е важен и тој е награден. Корисниците на апликацијата собираат поени кои можат да ги користат за бесплатни производи или попусти во земјата. Со ова, апликацијата сака да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот на Балканот.

Справувањето со кризите со климата и загадувањето на воздухот бараат ограничување на емисиите од моторизираниот транспорт. Пешачењето и возењето велосипед наместо рутинско возење се еден од најефикасните начини за подобрување на здравјето на луѓето и помагање во ублажувањето на климатските промени и загадувањето на воздухот.

Според Светската здравствена организација (СЗО), за патувања во должина до 16 километри е можна промена од автомобил на активна мобилност, како што се возење велосипед и пешачење. Овие патувања предизвикуваат 40% од емисиите на јаглерод од возилата.

Зелените апликации ги поврзуваат зелените бизниси

„Челинџер е градител на заедница (пазар), кој се состои од луѓе и локални бизниси, кои меѓусебно се поддржуваат со цел да создадат подобра средина и општество, и им помагаат на граѓаните да развијат и одржуваат подобри навики“, вели за ТРТ Балкан Олга Рајчиќ, ко-основач на апликацијата Челинџер.

Апликацијата претендира да ги поврзе еколошките локални бизниси и поединци и да создаде позелена средина и поеколошки маркетинг. Тоа е еден вид дигитален мотиватор и конектор на истомисленици.

„Челинџер е првиот зелен маркетинг канал кој обезбедува уникатно маркетинг искуство, каде што бизнисите добиваат пристап до единствена заедница на потрошувачи, со што можат да креираат приспособливи понуди и да привлечат различна целна група кон нивниот бренд“, додава Рајчиќ.

Апликацијата Челинџер моментално работи во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Ерменија и Бугарија. Ќе влезе на некои други регионални пазари во 2023 година.

TRT Balkan
Популарни