Авиоиндустријата на територија на Европа учествува со околу 5% од целокупното загадување со јаглероден диоксид. Затоа, ако Европската Унија сака да го реализира планот за нула загадување до 2050 година, ќе мора да направи сериозни реформи во начинот на кој се реализира авионскиот патнички и карго сообраќај.
Се очекува да се преземат сет на мерки со кои ќе се овозможи намалување на загадувањето од 250 милиони тони јаглероден диоксид ЦО2 или вкупно 85% намалување на загадувањето од авиоиндустријата до 2050 години. Тоа треба да се реализира преку употреба на нови авионски горива и нови технологии во воздушниот превоз на патници и производи.
Сепак, ова ќе биде голем предизвик бидејќи и натаму авионите се зависни од употребата на керозинот како фосилно гориво кое ја загадува атмосферата со ЦО2 . Освен иновации во горивата, авиоиндустријата ја чека и „ремонт“ на речиси сите системи, од контролата на летање, па се до промена на економските модели.
Одржливи горива за авијацијата
Со употреба на т.н. одржливи горива за авијацијата се очекува намалување на загадувањето од авионите за 34% или вкупно 99 милиони тони ЦО2 на годишно ниво. Тоа ќе се одвива во фази, па така веќе до крајот на оваа деценија летовите во рамки на европските дестинации ќе може да го намалат загадувањето за 55% споредено со нивоата од 1990 година.
Вложувањата во одржливите горива за авијацијата ќе биде доста тешко бидејќи тие чинат меѓу два и седум пати повеќе отколку фосилните горива. За да бидат исплатливи на долг рок за авиокомпаниите ќе биде потребна промоција на новата технологија и намалување на ризиците за инвеститорите со државна поддршка и промена на регулативата.
Со понатамошни прочистувања на честичките кои се согоруваат во сегашните конвенционални горива може да се постигнат и повисоки стапки на ефикасност и помала стапка на загадување.
Експертите од европските професионални тела очекуваат и напредок со водородот како гориво кое ќе го замени керозинот. Исто така се прават и експерименти со авиони со мотори на електричен погон, но овој вид на иновации најверојатно ќе пристигнат по 2050 година.
Подобрување на технологијата за летање
Климатските активисти постојано ја „таргетираат“ авиоидустријата за проблематичната одржливост и ја промовираат идејата за алтернативен транспорт, особено на рути на кои постои патна или железничка поврзаност, што може дополнително да ги загрози пазарните позиции на европските авиокомпании.
Со овој јавен притисок, иновациите во горивата нема да бидат доволни, бидејќи ќе мора да се обезбедат дополнителни намалувања на загадувањето до 2050 година.
Тука се вбројуваат подобрувања на технологијата на леталата, како и на стандардите при реализирање на летот. Експертите нудат опции како на пример користење на висината во воздушниот простор која вообичаено е резервирана за воената авијација, за поефикасни и поеколошки летови.
Со овие мерки загадувањето од авионите во Европа ќе се намали за 37% или околу 111 милиони тони годишни.
Најмал простор за промени, но и најмало влијание има во начинот на реализирање на контролата на летање со околу 6% од севкупното загадување кое може да се намали или да се елиминираат околу 18 милиони тони ЦО2 годишно.
Дел од товарот ќе го понесат и патниците
Во наредните неколку години не треба да ве изненади кога ќе го планирате вашиот следен лет да во пресметката за авиобилетот „видите“ цена која ги вклучува и давачките за намалување на загадувањето со ЦО2 .
На европско ниво се очекува да се изгласа нов план за ограничувања на количината на загадување по остварен лет што може да доведе до намалување од 22 милиони тони годишно или 8% од севкупното загадување, но ова ќе биде на товар на патниците како и на авиокомпаниите.