Во 2011 година, светот имаше 7 милијарди жители, а денеска на Светскиот ден на населението е објавено дека годинава се очекува да се надмине бројката од 8 милијарди жители на планетата Земја.
Светскиот ден на населението се одбележува секоја година на 11 јули за да се подигне свеста за глобалните проблеми со населението. Пренаселеноста е критична грижа бидејќи светските ресурси се трошат со неодржлива брзина.
Главната цел на овој ден е да се подигне свеста за сите негативни влијанија што растот на населението ги има врз постојаниот развој на природата.
Можности за сите
Денот е воведен 1989 година од тогашниот Управен совет на Програмата за развој на Обединетите нации. На 11 јули 1990 година, овој ден за првпат беше одбележан во повеќе од 90 нации. Оттогаш, голем број национални канцеларии на УНФПА, како и други организации и институции, во соработка со владите и граѓанското општество, го одбележуваат Светскиот ден на населението.
Темата за оваа година е „Свет од 8 милијарди: Кон одржлива иднина за сите – Искористување на можностите и обезбедување права и избори за сите“. Како што е и наведено во самата тема, сите луѓе во светот немаат еднакви права и можности.
„Жените сè уште умираат при породување. Родовите јазови остануваат вкоренети. Дигиталниот јаз остава повеќе жени и оние во земјите во развој офлајн. Во поново време, вакцините против Ковид-19 остануваат нерамномерно распределени. Остануваат или се влошиле истите грижи и предизвици од пред 11 години: климатски промени, насилство, дискриминација. Светот достигна особено мрачна пресвртница во мај: повеќе од 100 милиони насилно раселени ширум светот“, посочуваат од УНФПА.
До 2050 година пораст од 30%
Огромен дел од светската популација продолжува да биде жртва на дискриминација, вознемирување и насилство. Поради проблемот со пренаселеноста, родовата нееднаквост и кршењето на човековите права се почести од кога било во земјите во подем.
Според Одделот за економски и социјални прашања на Обединетите нации
„Иако темпото на глобалниот раст на населението ќе продолжи да се намалува во наредните децении, светската популација веројатно ќе биде меѓу 20 и 30 проценти поголема во 2050 година отколку во 2020 година“.
„Но, фокусот треба да биде на луѓето, а не на населението. Сведувајќи ги луѓето на бројки им ја одзема нивната хуманост. Наместо бројките да функционираат за системите, направете ги системите да работат за бројките преку промовирање на здравјето и благосостојбата на луѓето.“, велат од УНФПА заклучувајќи дека „Во свет од 8 милијарди, секогаш мора да има простор за можности.“