Преговарачите постигнаа историски договор на конференцијата на ОН за биолошка разновидност што претставува најзначајниот напор за заштита на земјиштата и океаните во светот преку обезбедување финансирање за спас на биодиверзитетот во земјите во развој.
Глобалната рамка беше донесена во понеделник, еден ден пред да заврши Конференцијата на Обединетите нации за биолошка разновидност или COP15 во Монтреал.
Кина, која претседава со оваа конференција, истиот ден објави нов нацрт кој им ја даде, на понекогаш спорните разговори, многу потребната динамика.
Најзначајниот дел од договорот е заложбата за заштита на 30 отсто од земјиштето и водата кои се сметаат за важни за биолошката разновидност до 2030 година. Во моментов, 17 отсто од копнените и 10 отсто од морските области се заштитени.
„Никогаш немало цел за зачувување на глобално ниво од ваков обем“, им рече на новинарите Брајан О’Донел, директорот на групацијата за заштита на природата „Кампања за природата“.
„Ова не става во можност да го заштитиме биодиверзитетот од колапс... Сега сме во опсегот за кој научниците мислат дека може да направи значителна разлика во биолошката разновидност“.
Финансиски аранжмани
Нацрт договорот, исто така, повикува на собирање 200 милијарди долари до 2030 година за биолошка разновидност од низа извори и работа на постепено укинување или реформирање на субвенциите што би можеле да обезбедат уште 500 милијарди долари за природата.
Како дел од финансискиот пакет, рамката предвидува зголемување на најмалку 20 милијарди американски долари годишно до 2025 година на парите што одат за сиромашните земји - или приближно двојно повеќе од она што е обезбедено во моментов.
Таа сума ќе се зголемува на 30 милијарди долари секоја година до 2030 година.
Климатската криза заедно со губењето на живеалиштата, загадувањето и развојот го загрозија биодиверзитетот во светот. Една проценка од 2019 година предупредува дека милион растителни и животински видови се соочуваат со исчезнување во рок од неколку децении - стапка на загуба 1.000 пати поголема од очекуваната.
Здружението за заштита на дивиот свет и другите еколошки групи беа загрижени дека нацртот ја одложува до 2050 година целта за спречување на исчезнување на видовите, зачувување на интегритетот на екосистемите и одржување на генетската разновидност во популациите. Тие стравуваат дека временската рамка не е доволно амбициозна.