Слоновите како најголеми цицачи на планетата се во опасност од изумирање, поради нелегалниот лов, намалување на природните живеалишта и конфликтот со луѓето. Се проценува дека вкупно се преостанати 450.000 единки, поголемиот дел од нив во Африка со двата подвида, шумски и савански слон.
За да се спречи масовната експлоатација и евентуалното исчезнување на видот на 12 август се одбележува Светскиот ден на слонот, со апели повеќе да не се купува и користи слонова коска, и да се работи на заштитени подрачја кои се нивни природни живеалишта.
Конфликтот со слоновите во Азија
Азискиот слон, најголемиот копнен цицач на континентот, е ендемичен во вкупно 13 земји и региони. Се проценува дека од овој загрозен вид има останато 40.000 до 50.000 единки.
Во Кина, слонот е заштитено диво животно од прва класа и се спроведува проект за следење и враќање на слоновите кои ќе се одвојат од стадото за известување на локалното население. Со навремено предупредување може да се намали можноста за конфликтот со слоновите, а со тоа и последиците.
„Слоновите дење се криеле во шумата, а ноќе излегувале да се хранат кога селаните биле дома. Сега животните преку ден талкаат низ селото, а жителите веќе не се плашат од нив. Мораме да ги потсетиме да држат безбедно растојание“, вели набљудувачот на слонови Диао Фашинг.
И покрај падот на популацијата на азиски слонови во последните 30 години, бројот на единки во Кина се искачил на околу 300 до крајот на минатата година.
„Бројот на единки се зголеми за околу 100 во изминатата деценија. Поединечните млади слонови исто така се почесто се набљудуваат“, посочува Чен Феи, директор на Азискиот истражувачки центар за слонови.
Но, во одредени делови на Индија, Шри Ланка и Кина доаѓа и до конфликт со слоновите, особено кога џиновските цицачи ќе уништат земјоделски насад или ќе повредат жител на некое село.
Во Индија има уште 27.000 диви слонови, а околу 2.500 слонови се држат во заробеништво низ државите Асам, Керала, Раџастан и Тамил Наду.
Вообичаено во Индија годишно гинат десетина луѓе во судир со слоновите, но според Министерството за шумарство, овие бројки постојано опаѓаат и сега се најниски во последните две декади.