На 29 јули се обележува Светскиот ден на тигарот     Фото: Reuters

Резултатите од Национално истражување за тигри и дивеч на Непал, објавено во петокот, покажуваат зголемување на бројот на тигри во земјата за дури 190 отсто, што значи дека бројот на непалските диви тигри е најмалку двојно зголемен и денес има 355 единки.

„Зголемувањето на популацијата на тигри во Непал е извонредно достигнување и резултат на континуирана работа во изминатите години. Непал докажа дека постигнувањето такви цели е можно со високи стандарди за зачувување на видовите и многу напор, а ние можеме да научиме многу од ова достигнување“, рече Стјуарт Чепмен од иницијативата „Живот за тигрите“ на ВВФ.

Тигрите се најголемите мачки во светот и се на врвот на синџирот на исхрана во еко-системите во кои живеат, поради што играат важна улога во одржувањето на природната рамнотежа на еко-системите од кои зависат другите животни, како и луѓето. На нив им се потребни големи живеалишта каде што нема присуство на луѓе за да преживеат.

Една од најголемите закани за тигрите е фрагментацијата на живеалиштата, што ги принудува на мали области каде што немаат доволно храна, предизвикувајќи ги да дојдат во конфликт со локалното население. Втората најголема закана за тигрите се ловокрадството и нелегалната трговија со живи или мртви тигри и нивните органи, предупреди ВВФ.

Истражувањето, во кое беше вклучена и канцеларијата на ВВФ во Непал, ја нагласува важноста од зачувување и строга заштита на живеалиштата на тигрите, воспоставување соработка со локалните заедници за да им се обезбеди сигурна иднина и повеќе интервенции за да се обезбеди зачувување на тигрите на коридори и живеалишта надвор од постоечките заштитени области.

Обезбедувањето иднина на непалските тигри низ големи области отсекогаш било предизвикувачко поради големиот број закани со кои се соочуваат, но најновата проценка покажа колку се важни мерките за зачувување што спроведени од владата и организациите ширум светот, вклучително и ВВФ.

„Успешното или неуспешното зачувување на овој вид ќе постави преседан за тоа како ќе ја набљудуваме природата и степенот на приоритет на нејзино сочувување во рамки на глобалниот развој со климата која се побрзо се менува“, истакна Снежана Малиќ-Лимари од ВВФ Адрија.

Сите жители на светот можат да помогнат во закрепнувањето на тигрите, па ВВФ Адрија повикува на симболично посвојување на ова прекрасно животно и со месечна или еднократна донација директно да се овозможи работата за заштита на тигрите во светот.

HINA
Популарни