Со новиот закон до 2050 година треба да се обнови 90% од природата во Европа / Фото: TRT Balkan

Европските министри за животна средина постигнаа првичен договор за носењето на новиот закон на ниво на ЕУ за обнова на природата. Амбициозниот план предвидува дека до 2050 година речиси 90% од биодиверзитетот ќе биде обновен на ниво на земји членки на ЕУ, а за да се постигне таа цел ќе се работи постепено.

Првиот таргет е поставен до 2030 година кога се предвидува да се обнови 20% од вкупната површина на природни живеалишта, богати со биодиверзитет, кои се во лоша состојба или пред уништување.

Следниот таргет е во 2040 година кога земјите членки на ЕУ треба да обноват 60% од сопствените природни живеалишта, како на копно така и во морските еко-системи.

Колку е критична состојбата со европската природа?

Според проценките на Европската комисија околу 80% од европските природни живеалишта се во очајна состојба.

Најзагрозени видови се дунавската пастрмка, желката со кожен грб, и романскиот хрчак. Пад на популацијата има на секој трет вид на пчели и пеперутки, а секој десетти ваков вид на инсект е на раб на исчезнување.

Речиси 40% од рибите во Европа се во лоша состојба и им се заканува понатамошно уништување.

Загубите во земјоделството поради исчезнување на пчелите и останатите инсекти опрашувачи се проценува дека ќе изнесуваат околу 2.5 милијарди евра годишно.

Кои се следните чекори?

Со новата регулатива, која ќе биде дел од пакетот мерки на Европскиот зелен договор, се преземаат конкретни обврски за исполнување на целите за заштита на биолошкиот диверзитет и намалување на последиците од климатската криза.

„Денес е добар ден за природата. Советот се согласи за општ пристап на законот за обновување на природата. Очигледно е дека претседателството работеше напорно за да го најде вистинскиот баланс и внимателно ги слушаше сите земји-членки кои имаа различни грижи и забелешки за предлозите“, истакна Ромина Пурмохтари, министерката за клима и животна средина на Шведска.

Следните чекори ќе бидат преговори во рамки на Европскиот парламент, а штом биде усогласена нацрт регулативата одобрение ќе биде потребно и од Европскиот совет.

Обврските ќе се однесуваат на сите земји членки пропорционално, а со оглед на потребата од усогласување на националното законодавство со европското, обврски ќе следат и за земјите од Западен Балкан кои се кандидати за членство во ЕУ.

TRT Balkan
Популарни