Претседателот на Собранието Талат Џафери ја предводеше македонската делегација на денешната аудиенција кај папата Франциск во Ватикан. Џафери на средбата со папата Франциск изрази надеж дека Северна Македонија што поскоро ќе ги почне преговорите со Европската унија (ЕУ), бидејќи, како што посочи, одолговлекувањето на процесот предизвикува евроскептицизам.
„Во однос на членството во ЕУ моментално кај нас се одвива скрининг процесот и ни претстојат уставни измени за кои мора да обезбедиме двотретинско мнозинство. За жал предолгото чекање пред вратите на ЕУ предизвика и слабеење на поддршката на граѓаните за интеграцијата, меѓутоа се разбира нема да се откажеме од постигнувањето на оваа стратешка определба“, истакна Џафери.
Тој уште еднаш ја изрази поддршката на Република Северна Македонија за Украина и ја осуди, како што рече, „неправедната и неиспровоцирана агресија на Русија врз оваа земја“.
Џафери на средбата потсети дека Северна Македонија е полноправна членки на НАТО Алијансата и е активен чинител во одржувањето на глобалниот мир. Оваа година, додаде тој, Северна Македонија е и земја претседавач со ОБСЕ.
Говорејќи за соработката меѓу Република Северна Македонија и Ватикан, Џафери на средбата со папата Франциск, посочи дека двете држави се нераскинливо поврзани преку историски врски на важните личности од заедничкото минато, кои се темелат на заедничките историски, културни и верски традиции.
Папата на средбата порача дека треба да има единство во напорите за да се обедини Европа.
По аудиенцијата кај Папата Франциск, претседателот на Собранието, Џафери оствари средба и со кардиналот Паролин и монсињор Галагер.
Молебен на гробот на Свети Кирил
Митрополитот европски г. Пимен во сослужение со митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и отец Митко Газинковски од Македонската православна црква- Охридска архиепископија чиноначалствуваа со молебенот на гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Келементе во Рим.
Денеска, како што рече г. Пимен, после една година „се наоѓаме повторно на местото каде минатата година ја слушнавме радосната вест дека сме примени во соборот на православните цркви, дека се признава нашата афтокефалност.“
„ Како што нема од Бога избрани три јазици за проповед, така нема ни само неколку народи за елитата на православието да ја чинат. Светоста на црквата православна ја дополнува обединетоста во различностите и ние Македонците не отстапуваме во борбата нашата Македонската православна црква да има место во единството”, рече господин Пимен.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ја предводи државно-црковната делегација по молебенот положи венец на гробот на Св. Кирил.
Ковачевски: Од Плаошник одекнува непобитната вистина за македонскиот јазик
Република Северна Македонија е мостот што им е потребен на Западниот Балкан и на Европа денес, во надминувањето на сложените предизвици на денешницата, истакна премиерот Димитар Ковачевски, на централната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј што денеска се одржа на Плаошник.
Според Ковачевски, Плаошник е избран за чествување, бидејќи е местото каде е основан и дејствувал Првиот словенски универзитет. Затоа што, подвлече, тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет.
„Токму на оваа македонска почва светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста од која што натаму се развива и современата македонска писменост. Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилметодиевското и црковнословенското наследство, суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на нашиот македонскиот народ”, истакна премиерот.