Денес во Брисел се одржа третата меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската Унија (ЕУ), на која албанската страна ги отвори преговорите за Кластер 6 за надворешните односи.
Кластерот 6 се состои од преговарачките поглавја 30 (надворешни односи) и 31 (надворешна, безбедносна и одбранбена политика). Премиерот на Албанија, Еди Рама, ја предводеше албанската делегација, додека ЕУ ја претставуваше Петер Сијарто, министерот за надворешни работи на Унгарија, која претседава со Советот на ЕУ.
Оваа трета меѓувладина конференција е втора за време на унгарското претседавање, по онаа што се одржа во Луксембург на 15 октомври, на која Албанија отвори пет поглавја за членство, односно „Основи“, кои ги опфаќаат правосудството и основните права, набавките, статистиката, безбедноста и финансиската контрола.
По конференцијата, албанскиот премиер Еди Рама, унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто и Марта Кос, еврокомесарката за соседство и преговори за проширување, одржаа заедничка прес-конференција.
Рама рече дека е јасно оти Европа не ја обединува само географијата, туку и вредностите, демократијата, владеењето на правото, човековите права и заедничката безбедност.
„Нема сомнеж дека Европа со Западен Балкан ќе биде посилна, пообединета и побезбедна. Така што нашата амбиција не е тајна. Сакаме да бидеме сигурни дека сме ја завршиле домашната задача и дека нашите преговори ќе бидат затворени во 2027 година и се надеваме дека нашето членство во ЕУ ќе биде остварено во текот на оваа деценија“, рече Рама.
Шефот на унгарската дипломатија, Сијарто, истакна дека под нивно претседателство успеале да ја забрзаат политиката на проширување и додаде дека Албанија покажала одличен напредок.
„Многу добро ја разбираме загриженоста на регионот и исто така многу добро ја разбираме важноста на стабилноста, мирот, спокојството и развојот на Западен Балкан. Во последните шест месеци ги вложивме сите напори да го забрзаме процесот на проширување“, рече Сијарто.
Комесарката Кос истакна дека ја цени посветеноста на сите земји членки на ЕУ во овој процес.
„Денешната одлука е и сигнал за Албанија, регионот на Западен Балкан, дека проширувањето е и понатаму приоритет за Европската Унија. Определени сме да добиеме други резултати и врз основа на геостратешките промени што се случуваат да можеме да ја комплетираме и да ја зајакнеме нашата Унија“, истакна Кос.
Албанија е првата земја кандидат за членство што ги отвори пристапните преговори според изменетата методологија за проширување.
По воведувањето на ревидираната методологија за пристапни преговори во 2020 година, преговарачките поглавја беа поделени во шест тематски групи, односно кластери, и тоа: темелни прашања, внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст, зелена програма и одржливо поврзување, ресурси, земјоделство, кохезија и надворешни односи.
Албанија поднесе барање за членство во ЕУ во април 2009 година, а статусот на земја кандидат ѝ беше доделен во јуни 2014 година.
Во јули 2022 година, Европската Унија ја организираше првата меѓувладина конференција со Албанија.