Амбасадата на Република Туркије во Скопје преку писмено соопштение изрази благодарност до Република Северна Македонија и нејзините граѓани за искажаната солидарност со Туркије и турскиот народ поради земјотресите што на 6 февруари го погодија југот на Туркије.
„Република Северна Македонија ги мобилизираше сите свои капацитети во насока на поддршка на спасувачките активности во регионите погодени од катастрофалните земјотрес кој се случи на 6 февруари во Туркије како и за собирање и пренесување на материјална помош за страданите“, пишува во соопштението на Амабсадата на Туркије во Северна Македонија.
„Народот на Северна Македонија по настанатата катастрофа, во духот на солидарноста, како и вековното братство и пријателство се соедини со турскиот народ. Ова единство и сплотеност помеѓу нашите народи искажано во овој исклучителен период, претставува едно скапоцено наследство кое ќе им го пренесеме на идните генерации“, велат од турската Амбасада и упатуваат благодарност до Северна Македонија, граѓаните и институциите за искажаната солидарност и поддршка.
„Во име на Амбасадата на Република Туркије изразуваме најсрдечна благодарност до Претседателот, Собранието, Владата, јавните институции и општини на Република Северна Македонија, како и до бизнис заедницата, Црвениот крст, невладините организации, образовните институции, медиумите, уметниците и целиот народ, за искажаната моќна солидарност и признателност“, се вели во соопштението.
Најмалку 31.643 луѓе загинаа во земјотресите што го погодија југот на Туркије на 6 февруари, според досегашните официјални податоци.
Земјотресите со магнитуда од 7,7 и 7,6 степени, со центар во областа Кахраманмараш, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 10 области, Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије и Шанлиурфа.