Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска на Глобалната Сајбер Конференција, која се одржува во Цирих, Швајцарија, говореше на отворањето на Конференцијата пред претставници на повеќе од 40 држави, експерти од индустријата и претставници на невладиниот сектор.
Андоновски, како што соопшти Министерството, во своето обраќање ја нагласил неопходноста од создавање на безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување, што е во сржта на дигиталната трансформација, а воедно ги претстави и приоритетите на Македонија во оваа област.
„Сајбер-безбедноста не е натпревар, туку колективна одбрана. Меѓусебната поврзаност во сајбер-просторот бара соработка базирана на доверба“, истакнал министерот.
Тој ја претставил и нацрт Стратегијата за сајбер-безбедност на Република Македонија за периодот 2024-2028 година, нагласувајќи го проактивниот пристап на кој е базирана.
„Пристапот на Република Македонија, во однос на сајбер безбедноста е целосно проактивен. Нашата Стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028 се темели на пет основни принципи кои ја рефлектираат нашата посветеност на дигиталната трансформација. Дигиталната трансформација не може да биде само прифаќање на нови технологии или одржување чекор со трендовите, туку станува збор за создавање системи кои се интелигентни, приспособливи и безбедни по дизајн“, нагласил Андоновски.
Гледајќи кон иднината, министерот ја истакнал итноста од заеднички чекори за градење одржлив дигитален екосистем.
„Соработката во сајбер-просторот нуди значајни можности. Но, овие можности ќе бидат реализирани само ако дејствуваме решително и веднаш. Мора да се даде приоритет на образованието и вештините за сајбер-безбедност, но и на меѓународните партнерства за да создадеме дигитален екосистем подготвен за иднината“, посочил Андоновски.
Во рамките на Самитот на кој присуствуваат повеќе од 400 учесници, министерот остварил повеќе билатерални средби со колеги и претставници од водечките компании и држави во сајбер-просторот.