Таа посочи дека различноста на Босна и Херцеговина може да биде богатство на Европската Унија, чиј мотив е „единство во различностите“ / Photo: AA

Ако Европската унија ги прифати шесте земји од Западен Балкан, нема да има повеќе сиви зони во Европа, изјави во вторникот во Сараево германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, која е во официјална посета на Босна и Херцеговина.

По средбата со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ и делегацијата на двете земји, Баербок изјави дека европската идеја се бранела во Сараево пред 30 години.

„Како што срцето на Европа денес чука во Киев, во 90-тите чукаше овде, во европското Сараево“, рече Баербок.

Таа посочи дека Германија е најголемиот надворешно трговски партнер на БиХ, еден од најголемите инвеститори во земјата и смета дека инвестицискиот потенцијал е уште поголем.

„Оваа средба не е случајна, таа се случува во одлучувачко време - на патот на БиХ кон ЕУ. Земјата е на одлучувачка крстосница. Има моменти во историјата кога мора да се искористи можноста. Сакаме да направиме сѐ за заедно да чекориме во ЕУ, го чекаме извештајот на Европската комисија, кој ќе го оцени напредокот на патот кон отворање на пристапните преговори“, рече Баербок.

Таа додаде дека напредокот на патот на проширувањето може да биде можен само ако реформите се спроведат брзо. Таа додаде дека донесувањето на законот против перење пари и финансирање тероризам е важен дел од овој „мозаик“.

Посочувајќи дека Германија сака Босна и Херцеговина „да влезе во ЕУ како целосна земја“, Баербок рече дека „најголемиот отров за човештвото е насилната промена на границите“.

„Една земја само заеднички може да стане членка на ЕУ. Владата не може да дејствува без опозиција. Политиката не може да дејствува без граѓански општество, еден регион не може да дејствува без друг. За ова се потребни сите сили од една земја, затоа треба да нагласиме дека јасно ќе ги именуваме сецесионистичките фантазии кои сакаат да стават камења на овој пат, бидејќи само заедничка БиХ може да оди на патот кон ЕУ“, рече Баербок, апелирајќи до политичарите во Бања Лука заедно да чекорат по европскиот пат.

Таа посочи дека различноста на Босна и Херцеговина може да биде богатство на Европската Унија, чиј мотив е „единство во различностите“.

Баербок рече дека процесот на пристапување не се случува про форма, туку е важен придонесот за зајакнување на земјите во областа на демократијата, владеењето на правото и активното граѓанско општество.

„Не смее да има сиви зони во Европа. Видовме во изминатите години, за кои одговорност сноси и ЕУ, дека проширувањето беше во задната фиока и видовме што значи тоа. Не го зајакнавме заеднички европскиот континент. Затоа сакам сите шест земји од Западен Балкан да можат да влезат во ЕУ, но мора да се создадат предуслови за тоа“, рече Баербок.

На прашањето дали Германија и Франција имаат исти ставови за Западен Балкан, Баербок рече дека двете земји силно ги поддржуваат истите ставови.

„Проширувањето е геополитичка неопходност, силата на Европа“, рече Баербок.

Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, изјави дека посетата на германскиот министер е важна порака до граѓаните на БиХ и дека означува продолжување на добрата соработка меѓу двете земји.

Тој исто така рече дека Германија е еден од најважните економски партнери на БиХ долги години и дека поддршката на Германија за европскиот пат на БиХ е многу важна.

„Многу различниот пристап на Европската унија во однос на прашањето за самото проширување им даде можност на властите во БиХ да го фатат тој европски воз. Конкретните понуди што ги имаме на масата на ЕУ во однос на интеграцијата на нашиот пазар на големиот европски пазар, голем пакет поддршка или помош за Западен Балкан се примери на ЕУ во овој момент таа навистина ширум ја отвора вратата и се надевам дека моите колеги, пред се ние што ја сочинуваме владата на ниво на БиХ, ќе продолжиме со овие не толку лесни реформи, договори и компромиси, но сепак заради интересите на сите луѓе во БиХ ќе си ги завршат обврските до крај.„Без разлика на моменталниот моментум, имаме обврска да донесеме уште неколку важни закони од овие 14 приоритети или овие осум по добивањето кандидатски статус“, рече Конаковиќ.

Осврнувајќи се на новинарското прашање за влијанието на Русија во Босна и Херцеговина, Конаковиќ рече дека таа земја, освен гасот што го увезува „не прави ништо посебно во БиХ, туку чека и ги собира фрустрациите на луѓето и ги претвора во свои интереси“.

AA
Популарни