Сообраќајниот метеж и пренаселеноста во одредени метрополи во регионот налагаат и алтернативи како што е подземната железница. Сепак лошата инфраструктура и големите финансиски средства засега се пречка за реализација.
Во Белград подземен сообраќај веќе се гради. Во Загреб и Сараево постојат проекти за изведба. Во другите центри во регионот изградбата на метро е само фантазија или градските власти оцениле дека за тоа нема потреба и финансиска исплатливост.
Колку чини изградбата на метро? Дали го олеснува движењето низ градовите? Колкав период трае изведбата? Дали Балканот на овој план може да ги следи развиените светски центри?
Во продолжение се осврнуваме на главните аспекти од метрото во Белград, како засега единствен проект во изведба на Балканот, но и на размислувањата во другите главни градови во регионот.
Првата линија во Белград готова до 2028 година
Метрото во Белград започна да се гради во ноември минатата година. Според проектот, метрото треба да има две линии,а можно е наскоро да се направи план и за трета.
Првата линија ќе биде долга 21,1 километар, ќе има 21 станица и треба да биде изградена до 2028 година.
Изградбата на втората линија ќе заврши во 2033 година. Должината на оваа траса е 21 километар и ќе има 23 станици. Целиот проект ќе чини 4,4 милијарди евра. Работите ги изведуваат кинеска и француска компанија.
Томашевиќ најави метро во Загреб
Актуелниот градоначалник на Загреб Томислав Томашевиќ најави отпочнување на изградба на метро до крајот на неговиот мандат.
Овој проект во Загреб беше најавуван и во минатото, а за него се изготвени преку 20 студии во изминативе 17 години. Првите проекти за метро во Загреб се уште од седумдесеттите години на минатиот век. На неа работеле експерти и од Советскиот Сојуз и Велика Британија.
Проект за метро и во Сараево
Во времето на Зимските олимписки игри во Сараево во 1984 година се случи градежна експанзија. Во тоа време се разговарало и за проект за побрз транспорт на посетителите кои патувале во Сараево за Олимпијадата. Тогаш на дневен ред дошла идејата за изградба на метро, но не била реализирана.
Студија за изградба на метро во Сараево била направена и во 1975 година. Најновата од пред 12 години е на архитектот Музафер Османагиќ. Според него, проектот би се извел за три години и би чинел 500 до 800 милиони евра.
Скопјани чекаат „автобуско метро”
Во Скопје автобусот е единствена начин на кој се спроведува колективен градски превоз, но неретко има и проблеми како неодамнешните штрајкови, расипани автобуси и слично.
Трамвајот беше споменуван како можна алтернатива од неколку досегашни градоначалници. За метро во Скопје во моментов не постојат проекти. Единствено постои проект за брз автобуски превоз или поинаку наречен автобуско метро (bus rapid transit).
За овој проект е одобрен и кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, но актуелната градоначалничка не го продолжи проектот на нејзиниот претходник. Можно е Владата да ја преземе обврската за изградба на овој систем.
Во Тирана, Приштина и Подгорица со поинаква визија
Големите финансии кои надминуваат неколку годишни буџети, лошата инфраструктура, немањето потреба или поинаквите визии за јавниот транспорт биле причина и во Тирана, Приштина и Подгорица засега да не се размислува за ваков превоз.
Љубљана размислувала за метро пред 30 години
Во словенечките медиуми можат да се најдат написи од кои се гледа дека во овој град се размислувало за метро уште во 1991 година. Планирано било тоа да се изгради до 2000 година. Изведбата би чинела околу една милијарда тогашни германски марки, но овој проект е напуштен.