Додик високиот претставник Шмит го нарече „смрдеж“, а американскиот амбасадор „кретен“ / Photo: AA

Првото рочиште од судењето против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик во средата заврши по само половина час поради процедурални причини, а тој потоа пак тврдеше дека е обвинет од политички причини.

На почетокот на судењето во Сараево, Додик и неговите адвокати добија одлука од Судот на Босна и Херцеговина со која се одбива нивното барање судењето да се префрли во локалниот суд во Бања Лука, а сега имаат можност да поднесат жалба против таа одлука во рок од три дена.

„Ќе поднесеме жалба во понеделник“, изјави Додик за новинарите по излегувањето од судницата, најавувајќи ново одложување на формалниот почеток на судењето.

Тој вели дека не го интересира кој и како ќе го толкува, бидејќи не му се брза, а има право на сите процедури предвидени со закон.

Додик повторно тврдеше дека му се суди поради неговите политички активности, најавувајќи дека нема да го промени своето однесување и дека процесот повеќе го гледа како судење на Босна и Херцеговина, а не на него лично.

„Ова е првенствено политички процес предизвикан од фактот што непостоечки странец наметнува одлуки и донесува закони“, рече Додик, повторувајќи ги своите претходни тврдења дека му се суди незаконски затоа што, според него, Кристијан Шмит не бил легално избран висок претставник, па не можел ниту да направи измени во кривичниот закон врз основа на кои е поднесен обвинителниот акт.

„Тргнето го Шмит и американскиот амбасадор Мајкл Марфи и тоа ср…“, рече Додик, не воздржувајќи се од вулгарен јазик бидејќи високиот претставник го нарече „смрдеж“, а американскиот амбасадор „кретен“.

Додик и директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, беа обвинети дека овозможиле објавување на два закони донесени од парламентот на РС, иако високиот претставник ги поништил со своите одлуки. За тоа дело сега се соочуваат со казна затвор од шест месеци до пет години, а осудата би значела и автоматска забрана за вршење политичка функција.

Во средата, Додик рече дека, доколку биде осуден и сменет од функцијата претседател на ентитетот, веднаш ќе основа „здружение за независност на РС“.

„Кога ќе се почитува Уставот на Босна и Херцеговина, ние ќе го почитуваме“, рече Додик.

Познатиот хрватски адвокат Анто Нобило, кој има статус на правен советник во тимот на одбраната на Додик, за новинарите изјави дека пролонгирањето на формалниот почеток на судењето од процедурални причини не е дел од стратегијата на одбраната.

„Апсолутно отфрлам дека ова беше во насока на одолговлекување, бидејќи нема да добиеме ништо за недела или две, но правото на правично судење е основата на демократијата. Тоа право бара да не се контаминира и не прејудицира вината на обвинетиот“, рече Нобило.

Тој, како и Додик, тврдеше дека претставниците на меѓународната заедница вршат неприфатлив притисок врз Судот на Босна и Херцеговина, па не може да се очекува таму да се води правично судење.

„Овој суд е непоправливо контаминиран“, тврди Нобило, велејќи дека очекува Апелацискиот совет на крајот да дозволи судењето да се води во Бања Лука.

Доколку ова барање конечно биде одбиено, продолжувањето на процесот во Сараево може да се очекува на 20 декември, според Нобило.

HINA
Популарни