Претседателот на Република Српска Милорад Додик рече дека отцепувањето не е план на нејзиното раководство, но посочи дека сега има 10 до 15 земји кои изразиле волја да го поддржат, а меѓу нив има и членки на Европската Унијата, како и други земји во светот.
„Нам не ни треба повеќе“, изјави Додик во интервју за хрватскиот неделник Национал.
На прашањето дали Русија е меѓу тие земји, Додик рече дека Руската Федерација сега е зафатена со некои свои проблеми и прашања, но дека ќе ја праша.
„Русија го почитува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и тоа е официјалната политика со која се соочуваме. А како Русија ќе се однесува во нова фактичка состојба, допрва ќе треба да видиме“, изјави Додик.
Тој повтори дека Српска ќе прогласи независност ако Кристијан Шмит наметне Закон за имот, бидејќи тоа би било целосно уништување на Република Српска.
„Во истиот момент ќе закажеме седница на Националното собрание и ќе ја прогласиме независноста на Република Српска. Што друго да правиме? Само ја потврдувам определбата на политичкиот и државен врв и народот на Република Српска дека ако се допре имот, тогаш Републиката е бесмислена, таа не постои. Мораме да го одбраниме и ќе донесеме таква одлука“, изјави Додик.
Тој истакна дека не е загрозен лично, туку Република Српска.
„Загрозени сме кога наметнуваат Обвинителство и Суд на Босна и Херцеговина без уставна основа, кога испраќаат странец кој го менува законодавството и не е избран во Советот за безбедност на ОН. Загрозување на Република Српска е кога тој странец ќе собере некаква група експерти да ја пренесат сопственоста на имотот, училиштата, реките, шумите, земјоделското земјиште на ниво на Босна и Херцеговина“, прецизира Додик.
Тој потенцира дека закана е и кога Шмит го наметнува законот, а тој нема право на тоа, а потоа му се суди на претседателот на Република Српска затоа што го потпишал указот за прогласување на закон донесен од Националното собрание на Српска.
„Бев обвинет од Обвинителството на Босна и Херцеговина, кое не постои во Уставот на Босна и Херцеговина, а ми се суди пред суд кој исто така не постои во Уставот на Босна и Херцеговина. Не се препуштив на алкохол, не сум удрил некого или сум му нанел физички повреди за да одам на суд, јас само во согласност со Уставот го потпишав указот“, рече Додик.
Тој посочи дека Република Српска е загрозена и на начин што ѝ ја украле војската и ја направиле заедничка, што не е во согласност со Дејтонскиот договор.