Претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Сараево, изјави дека очекува БиХ да биде охрабрена од отворањето на преговарачкиот процес за приклучување кон Европската унија.
Кришто рече дека денешната посета е значаен чекор на патот на БиХ кон ЕУ, а истата е и можност да се претстави новиот план за раст на ЕУ за земјите од овој регион.
„Сакам да кажам дека е важно за сите нас во Босна и Херцеговина и мислам дека сите треба да ја искористиме можноста, како во регионот, така и ние во БиХ да направиме значаен чекор напред врз основа на овој план за раст, кој ни се дава на полето на обезбедување подобри услови за живот на сите жители, во сите сегменти на живеење, од инфраструктура, енергија до слобода на движење на стоки и услуги“, рече Кришто.
Додаде дека посета е и можност да се запознае со новиот план за раст, новата одлука што ја донесе ЕУ, а тоа е финансиска одлука за помош од шест милијарди евра за земјите од регионот, две милијарди грантови и четири преку различни видови заеми.
„Преку овој нов план за раст што не очекува, во рамките на институциите на Советот на министри остануваме посветени на имплементација на се што се очекува од нас за да ги реализираме овие средства, а пред се пристапувањето кон единствениот пазар, заокружување на процесот на регионалниот пазар, посветеноста на имплементација на основните реформи кои се неопходни, а потоа и за зголемувањето како четврти столб на европскиот раст, зголемувањето на претпристапната помош“, рече Кришто.
Таа додаде дека се разговарало за тоа што работел Советот на министри во изминатите 10 месеци од својата работа.
Таа посочи дека се свесни дека Босна и Херцеговина се соочува со извештај за напредокот што треба да и биде доставен на БиХ на 8 ноември.
„Сакав да кажам дека врз основа на сето она што го направивме, претседателката на Европската комисија заедно со нејзините колеги ќе направи се за да го препознае нашиот напор, работа и напредок на тој реформски пат и дека ќе бидеме охрабрени од отворањето на преговарачкиот процес, што во ова време навистина би значело многу за БиХ“, рече Кришто.
Таа додаде дека претходниот чекор напред- добивањето кандидатски статус, придонесе за стабилизирање на политичките услови и побрзо воспоставување на власта и функционирање на институциите.
„Убеденa сум дека отворањето на преговарачкиот процес, особено во контекст на геополитичките случувања и ситуацијата, ќе придонесе БиХ да го направи неопходниот чекор напред, да биде навистина безбедна, стабилна и просперитетна, да се справи со сѐ што е добро за сите нејзини конститутивни народи и граѓани, сите жители на БиХ, а не да се занимаваме со поделби, минатото и нешто што не е добро за секој кој живее во БиХ“, рече таа.
Таа истакна дека помошта на европските институции е неизмерна, дека резултатите ги постигнале во соработка со Европската комисија.
Таа нагласи дека ќе продолжи да прави сѐ за неуморно да работи за исполнување на условите кои се и потреба и обврска на сите што живеат во Босна и Херцеговина.
„Знаете дека напредокот и напредокот во БиХ зависи многу од дијалогот, меѓусебното почитување, почитувањето на уставната структура и уставните надлежности“, рече Кришто.
Таа додаде дека е свесна за новиот план за раст на регионот во кој мора да се исполнат одредени претпоставки и обврски поврзани со берлинскиот процес.
„Ни остана уште еден договор за слободата на движење како услов за да ги искористиме овие средства. Ќе работиме на тоа како претставници на институциите, за да го завршиме и постигнеме она што и треба на БиХ“, рече Кришто.