Новото хашко обвинение ги вклучува и Миљан Дамјановиќ, Љиљана и Огњен Михајловиќ како и Мирољуб Игњатовиќ од СРС

Хашкиот осуденик и лидер на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ и уште четворица други функционери на партијата се обвинети пред Меѓународниот резидуален механизам во Хаг (МИЦТ), следбеник на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија МКТЈ, за непочитување на судот.

Информацијата за белградските медиуми ја потврди официјален претставник на СРС.

Шешељ беше осуден на 10 години затвор од МКТЈ за злосторства против Хрватите и другото несрпско население во Војводина во текот на 90-те години.

Жалбениот совет на Механизмот го осуди Шешељ за поттикнување на прогон, депортација, нехумани дела, злосторства против човештвото и прогон на Хрватите во 1992 година, откако претходно со првостепена пресуда во јуни 2016 година беше ослободен по сите точки од обвинението.

Шешељ помина 12 години во притвор.

Новото хашко обвинение ги вклучува Миљан Дамјановиќ, Љиљана и Огњен Михајловиќ и Мирољуб Игњатовиќ, изјави за новинската агенција Танјуг заменик-претседателот на партијата Александар Шешељ.

„Станува збор за ново обвинение за непочитување на судот“, рече Александар Шешељ, тврдејќи дека се работи за „фиктивен чин што Хашкиот трибунал си даде право да го воведе како кривично дело“, и дека „што и да проценат дека е непочитување на судот, можат некого да обвинат“.

Ова обвинение, објаснува синот на Шешељ, е покренато затоа што радикалите објавиле книги и други печатени материјали, како и видео и аудио материјали „кои откриваат како сведоците на обвинителството биле упатени и поткупувани да сведочат против Воислав Шешељ“ во неговото основно судење.

Александар Шешељ останува на ставот дека поднесувањето ново обвинение во предизборниот период не е случајно и дека Хашкиот трибунал го гледа како „политички инструмент од интерес и на сметка на САД“, во согласност со политичката ситуација.

Вонредните парламентарни избори во Србија се најавени за 17 декември, а во исто време ќе се одржат избори во Војводина, Белград и уште 64 градови и општини низ Србија.

Радикалите на Шешељ се вонпарламентарна партија и ја доставија својата изборна листа, а на изборите во Белград ќе ја поддржат владејачката Српска напредна партија, која беше создадена со одвојувањето од СРС.

Александар Шешељ новото обвинение го гледа како „прогон на СРС“ со кој хашкиот суд „како инструмент на САД“ повеќе од 20 години се обидува да ја уништи таа партија „како главен противник за остварување на целите на САД во Србија“.

Тој е убеден дека владата во Србија „нема никого да екстрадира“ на Хашкиот трибунал. „Не мислам дека во владејачката партија и коалицијата постои волја тоа да се случи“, рече Александар Шешељ.

HINA
Популарни