Според обвинението, Вања била грабната за откуп, но зошто е убиена не е прецизирано во обвинение

Судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски ќе почне на 4 септември, информираа денеска од Основниот Кривичен суд Скопје, каде денеска требаше да почне судскиот процес против четворицата обвинети помагачи на Љупчо Палевски Палчо.

Од Судот објаснија дека расправата е отповикана по предлог за одлагање од Основното јавно обвинителство кое пред една недела информираше оти е завршена истрагата против Палевски, првоосомничениот за убиството.

„Имајќи предвид дека истрагата против осомничениот Љ.П. е завршена и по истек на законските рокови по известување за завршена истражна постапка, ќе биде изготвено и поднесено обвинение, кое се однесува за истиот кривично – правен настан за кој се води и предметот К.бр. 1339/24 против четворица други обвинети, а воедно се работи и за исти докази, од ОЈО Скопје, согласно чл. 28 од ЗКП ќе биде поднесен и предлог за спојување на двете постапки“, информираа од Судот.

Тоа значи дека на сите петмина ќе им се суди заедно.

Основниот кривичен суд Скопје на 8 јули информираше дека го прифатил во целост обвинението против Влатко Кешишов, Велибор Манев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски обвинети за убиството на Ѓорчевска и Жежовски.

Кешишов, Манев и Видевски се товарат за кривични дела убиство и грабнување, додека Ѓорчевски, таткото на Вања се товари за кривично дело помагање при грабнување, бидејќи според обвинението, им дал упатства на киднаперите за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште.

Според обвинението, Кешишов, Манев и Видевски заедно со осомничениот Палевски го планирале киднапирањето на Вања за да принудат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откупот, но зошто девојката е убиена не е прецизирано во обвинение.

Според обвинителството, завршена е и истражната постапка за Стефан Димковски, кој го возел Палевски од Србија до Туркије, кој е осомничен за помагање по извршување на кривичното дело.

Постапката против него ќе се води одвоено. Судија во случајот ќе биде Ивица Стефановски, кој е избран преку АКМИС системот.

TRT Balkan / агенции
Популарни